сабота, август 29, 2026
Дома СКОПСКА Жителите на Марино ќе добијат обновено спортско игралиште

Жителите на Марино ќе добијат обновено спортско игралиште

23

Во населеното место Марино почна реконструкцијата на мултинаменското спортско игралиште, со што граѓаните ќе добијат безбеден и функционален простор за спортски активности.

Од Општина Илинден информираат дека реконструкцијата опфаќа целосна обнова на теренот и на спортската опрема.

– Предвидено е поставување нова пластифицирана заштитна мрежа, бојадисување на металната конструкција, замена на кошаркарските табли и обрачи, поставување нови столбови и анкерни плочи, монтажа на заштитна 2Д-мрежа, набавка на нови голови, поставување јутена мрежа зад головите, како и поставување вештачка трева на површина од над 920 квадратни метри и ПП пластични плочки на површина од преку 430 квадратни метри. Во рамките на проектот ќе биде извршена и подготовка на асфалтната подлога, како и поставување нови метални профили, со што игралиштето ќе добие целосно нов и современ изглед, во согласност со предвидените технички стандарди – соопштија од локалната самоуправа.

Според градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, со реконструкцијата на спортското игралиште во Марино се создава современ, безбеден и функционален простор каде што младите, спортистите и сите рекреативци ќе можат да спортуваат и да го поминуваат слободното време.

Реконструкцијата на игралиштето во Марино претставува дел од пошироките активности на локалната самоуправа за модернизација на спортската инфраструктура низ сите населени места во општината.

ИЗДВОЕНИ