Американскиот милијардер и сопственик на „SpaceX“, Илон Маск, денес изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „нема намера да ја заврши војната сè додека Русија не биде поразена“, како и дека „неговиот најголем страв е крајот на војната и соочувањето со претседателски избори“.
„Доколку изгуби, тој сигурно ќе биде предмет на истрага, а најверојатно и кривично гонет – 80 отсто од неговите претходници биле кривично гонети“, напиша Маск во објава на платформата X.
Тој додаде дека, меѓу поранешните претседатели на Украина, „Леонид Кучма бил кривично гонет за убиство“, против Виктор Јушченко била отворена истрага за поткуп, Виктор Јанукович бил осуден за велепредавство на 13 години затвор, а Петро Порошенко бил кривично гонет за велепредавство.
Маск претходно изјави дека ограничувањата на брзината и употребата на „Starshield“ – воената верзија на сателитската мрежа „Starlink“ – се одредуваат од страна на американската војска, при што конечната одлука ја носи претседателот на Соединетите Држави. Ова доаѓа по извештаите од Украина дека новите ограничувања во поврзувањето ги попречиле нејзините воени операции.
Тој понатаму истакна дека „Starlink“ е наменет за цивилни и одбранбени цели и не може да се користи за офанзивни воени операции – изјава дадена откако украинските претставници, вклучително и претседателот Володимир Зеленски, побараа враќање на целосната функционалност на системот. Во вторникот вечерта, Украина објави дека „SpaceX“ поставил ограничување на брзината од 160 километри на час за своите терминали – без претходно известување до украинските одбранбени сили – што резултира со губење на врската секогаш кога ќе се надмине ова ограничување, пренесува „Танјуг“.












