Унифицираниот избирачки список во Србија официјално е заклучен со вкупен број 6.450.523 гласачи, наспроти податоците дека Србија, според пописот од октомври 2022 година, има 6.647.003 жители. Анализите на јавно достапните податоци покажуваат дека повеќе од половина милион гласачи во избирачките евиденции немаат целосна адреса – улица и куќен број. Во Прибој, на југозападот од Србија, дури 247 гласачи се регистрирани на адресата на една куќа од 88 квадрати. Во Австралија, Кина, Америка, Канада и во Бразил ќе се гласа ноќе, на пример гласањето во Њујорк е почне во два часот по полноќ
Десет дена пред предвремените парламентарни избори во Србија, текот на кампањата и изборната постапка отвораат сомнежи дека може да биде проследено гласањето со манипулации и со злоупотреби. Сомнежите, меѓу другото, првенствено произлегуваат од фактот дека унифицираниот избирачки список во Србија официјално е заклучен со вкупен број 6.450.523 гласачи, наспроти податоците дека Србија, според пописот од октомври 2022 година, има 6.647.003 жители.
Оваа разлика укажува дека, според возраста, во Србија има само 196.480 жители што се под 18 години и не можат да имаат право на глас. Член на Комисијата за ревизија на избирачкиот список истакна дека долго време постои јавен сомнеж во веродостојноста на избирачкиот список. Во исто време, јавноста, опозицијата и невладиниот сектор предупредуваат дека е математички невозможно уделот на возрасни граѓани со право на глас да биде дури 98 проценти од вкупното население, бидејќи малолетниците сочинуваат многу поголем процент од населението.
Освен ова, анализите на јавно достапните податоци покажуваат дека повеќе од половина милион гласачи во избирачките евиденции немаат целосна адреса – улица и куќен број. Според неодамнешното истражување на Радио Слободна Европа (РСЕ), само во 13 погранични општини, околу 85.000 гласачи се регистрирани со фиктивна адреса како „без улица – 0“. Предупредувањата на опозицијата за таканаречените фантомски гласачи траат со месеци, а според официјалните податоци, повеќе од 500.000 гласачи без прецизно внесена адреса ќе имаат право да гласаат на предвремените парламентарни избори на 25 октомври.
Министерството за државна администрација и локална самоуправа и Министерството за внатрешни работи не одговорија убедливо на прашањата на медиумите за драстичните разлики во регистрацијата и регистрацијата на гласачите. Ана Гоѓевац, членка на Комисијата за ревизија на избирачкиот список од опозициската Партија на слободата и правдата, вели дека никому, всушност, не му е јасно колку гласачи има во Србија, тврдејќи дека е сигурно и извесно дека на избирачкиот список има и луѓе што не би смееле да бидат таму, бидејќи, како што изјави за Н1, во 2022 и 2023 година имало масовно пријавување на фиктивни адреси, особено во Белград. Во меѓувреме, пренесува „Јутарњи“, медиумите бележат и екстремни примери, како што е Прибој на југозападот од Србија, каде што биле регистрирани дури 247 гласачи на адресата на една куќа од 88 квадратни метри.
Истовремено, студентското движење и опозицијата залудно се обидуваа да ги натераат Републиканската изборна комисија (РИК) и Министерството за надворешни работи да отворат повеќе гласачки места во дијаспората, каде што, според нивните тврдења, се регистрирале 110.000 гласачи, па се верува дека повеќе од 20.000 српски граѓани во странство ќе останат без можност да учествуваат на изборите на 25 октомври. РИК ги отфрли приговорите на Студентската листа за гласачките места и за времето на гласање во странство, а студентското движење поднесе жалба до Управниот суд, обвинувајќи го РИК за „саботажа на изборите“. Клучните забелешки на „Студентска листа – студентите победуваат“ се дека Министерството за внатрешни работи и Министерството за државна администрација, со премолчена согласност на РИК, свесно и намерно ги филтрирале апликациите со цел „неприродно да го намалат бројот на гласачи и да ги оправдаат затворањето на амбасадите, откажувањето на гласачките места и наметнувањето ноќно гласање“ во Австралија, Кина, Америка, Канада и во Бразил. На пример, гласањето во Њујорк треба да почне во два часот по полноќ.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека на предвремените парламентарни избори на 25 октомври ќе има тесна трка помеѓу владејачката Српска напредна партија, на чија листа носител е неодамнешниот претседател Александар Вучиќ, и Студентската листа, која има голема поддршка во дијаспората и веќе анимираше десетици илјади луѓе да учествуваат со цел да се зголеми излезноста на изборите.












