Праведната енергетска транзиција треба да обезбеди конкретни придобивки за локалните заедници и за работниците, преку транспарентно одлучување, социјален дијалог и активно учество на сите засегнати страни. Ова беше главната порака на дискусијата посветена на улогата на локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), на која учествуваа претставници на граѓанскиот сектор, општините, синдикатите, работодаците и на институциите.
Настанот го организираа МКЦ Битола, „Екосвест“ и фондацијата „Олаф Палме“, со цел да се поттикне соработката меѓу локалните и националните чинители во планирањето на енергетската трансформација. Учесниците нагласија дека мора да се преточат климатските политики во разбирливи мерки што ќе го подобрат квалитетот на живот, ќе создадат нови работни места и ќе поттикнат одржлив локален економски развој.
– Праведната енергетска транзиција мора да ги поврзе климатските цели со реалните социјални и економски потреби на луѓето – истакна Елена Николовска од „Екосвест“, посочувајќи ја потребата од пристап до информации и континуиран дијалог.
Мери Нашоку од МКЦ Битола ја нагласи важноста на граѓанските организации во поврзувањето на институциите со локалното население и пренесувањето на неговите потреби. Особено внимание му беше посветено на Пелагонискиот Регион, каде што е неопходна анализа на пазарот на трудот за да се утврдат ризиците од губење работни места, потребните квалификации и можностите за развој на нови дејности.
Според Ненад Шундовски, национален координатор на ЛЕСС, зајакнувањето на советите и јасното дефинирање на нивните надлежности може да придонесе за подобра координација и за поголема вклученост во креирањето политики. Учесниците заклучија дека транзицијата ќе биде праведна само ако работниците и заедниците навреме добијат информации и реална можност да влијаат врз одлуките што ја одредуваат нивната иднина.












