Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека повеќе од десет објекти на енергетската инфраструктура во земјата се оштетени во руските напади во текот на ноќта, додавајќи дека „повторно немало никакво предупредување од партнерите“ во врска со нападот.
Во објава на Фејсбук, Зеленски наведе дека оштетувањата на енергетските објекти оставиле најмалку 550.000 домаќинства без електрична енергија, пренесува „Укринформ“.
„Во текот на ноќта и утринава, Русија изврши напади врз енергетски објекти во регионите Виница, Волин, Кировоград, Киев, Николаев, Житомир, Хмелницки, Харков, Тернопол, Одеса и Ривне. Во текот на само една ноќ, оштетени се повеќе од десет објекти на енергетската инфраструктура, а најмалку 550.000 домаќинства останаа без струја. Екипите за поправка работат на терен“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека рускиот напад со балистички ракети се одвивал во неколку бранови во текот на ноќта.
„Повторно беа цел енергетскиот сектор и инфраструктурата, но оштетени се и една медицинска клиника, училиште, станица на метрото, како и обични станбени згради. Вкупно, Русите употребија 16 балистички ракети; ова беше насочен напад врз Киев и Киевскиот регион. Русите исто така употребија повеќе од двесте беспилотни летала од различни типови, вклучително и ’Шахеди‘ со млазен погон. За жал, има жртви“, рече Зеленски.












