понеделник, октомври 19, 2026
Дома СВЕТ Украинците за првпат со дрон спасија војник од „зоната на смртта“/ВИДЕО

Украинците за првпат со дрон спасија војник од „зоната на смртта“/ВИДЕО

0
Screenshot: X

Украинската војска изврши операција која ја опишува како прва евакуација на ранет војник од воздух со помош на дрон за тешки товари во историјата на војувањето. Оваа извонредна операција се случи откако нагазните мини и непрестајните напади од руски авиони ја направија копнената евакуација целосно невозможна, соопшти 92-рата јуришна бригада на „Телеграм“, пренесува „Еуромајдан прес“.

Руските FPV (дронови со поглед од прво лице) немилосрдно ловат сè што се движи во таканаречената „зона на смртта“ – појас што се протега десетици километри длабоко долж целата линија на фронтот. Еден ранет припадник на 30-тата механизирана бригада останал заробен на позиција недостапна дури и за копнените роботи на гасеници, кои украинската војска рутински ги користи за евакуација на ранети. Поради тоа, операторите и инженерите од единицата за беспилотни системи на 92-рата бригада презеле чекор без преседан: го кренале војникот во воздух и со помош на дрон го префрлиле на безбедно.

„Ова е историски настан – во најмала рака, секако за нашата единица“, изјави командант на единицата и развивач во рамките на четата за беспилотни копнени системи на 92-рата бригада, познат под кодното име „Напалм“.

Беспилотните копнени возила станаа клучен елемент во напорите на украинската војска за евакуација на ранети од линијата на фронтот. Само во периодот од јануари до август оваа година, овие системи извршиле околу 112.000 логистички мисии и мисии за евакуација; самата 92-ра бригада редовно ги користи во своите операции. Сепак, длабоката кал, кратерите од гранати, густите мински полиња и роевите непријателски дронови на небото можат целосно да запрат и уништат кое било копнено возило. Позицијата на која лежел ранетиот борец била густо минирана и под постојан оган од руски дронови. Евакуацијата од воздух останала единствената опција, па операторите се впуштиле во мисија каква што – според нивните сознанија – никој друг во светот досега немал обид да изведе на бојно поле.

„Операцијата беше целосно успешна – ранетиот војник е спасен! Тој моментално е на лекување и рехабилитација, а неговиот живот повеќе не е во опасност“, потврдија од украинската војска, пренесува „Индекс.хр“. Овој успешен лет претвори еден теоретски концепт во реалност на бојното поле многу побрзо отколку што се очекуваше.

Како што пренесе „Асошиејтед прес“, Украина само неколку дена претходно започнала со тестирање на бојното поле на „StarGate“ – специјализиран дрон за медицинска евакуација, развиен од компанијата „SkyFall“. Но, борците на теренот не можеа да чекаат да завршат официјалните тестирања, па наместо тоа, тие искористија товарен дрон со голем капацитет, кој им беше при рака, за да го спасат животот на својот соборец.

ИЗДВОЕНИ