среда, јули 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Зелениот пазар во Кавадарци со нов дигитален систем за управување

Зелениот пазар во Кавадарци со нов дигитален систем за управување

14

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, вчера, заедно со директорот на ЈП „Комуналец“ и со претседателот на Советот на Општина Кавадарци, го промовираше новиот дигитален систем за управување со Зелениот пазар, со кој се воведуваат современи решенија што обезбедуваат целосна евиденција, побрза наплата и поголема транспарентност во работењето.

– Со новиот систем, секоја тезга е дигитално мапирана со свој бар-код, а контролата и наплатата се вршат директно на терен, преку современи мобилни уреди со фискални печатачи. На овој начин значително се зголемува ефикасноста, се намалува можноста за грешки и се создаваат еднакви услови за сите закупци. Дополнително, секоја контрола е фотодокументирана, што овозможува точна евиденција и дополнителна заштита од евентуални злоупотреби. Системот користи и современи алатки за анализа на податоците, кои ќе придонесат за подобро планирање и за понатамошен развој на Зелениот пазар – истакна Јанчев.

Градоначалникот додаде дека дигитализацијата е еден од приоритетите на локалната самоуправа и дека Општина Кавадарци ќе продолжи да инвестира во модерни, транспарентни и ефикасни решенија што ги подобруваат јавните услуги и го унапредуваат квалитетот на живот на граѓаните.

– Со оваа инвестиција, Кавадарци добива помодерен, поорганизиран и потранспарентен Зелен пазар, во интерес на сите граѓани – нагласи Јанчев.

 

ИЗДВОЕНИ