Избрана е фирма што ќе ги адаптира просториите во текстилното училиште „Димитар Мирасчиев“ за отворање центар за рехабилитација за деца и младинци со попреченост.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, информираше дека овој центар ќе биде наменет за околу 40 лица.
Овој центар ќе биде сместен во дел од објектот на средното текстилно училиште, каде што ќе се спроведува рана рехабилитација со поддршка од логопеди, дефектолози, физиотерапевти. Во него, децата и младинците со попреченост ќе развиваат животни вештини за поголема самостојност, а активно ќе бидат вклучени и родителите. Изградбата и опремувањето на центарот ќе чинат околу 11 милиони денари, од кои 11 % треба да кофинансира Општина Штип.
– Очекувам до крајот на годината да бидат завршени активностите поврзани со изградбата, адаптацијата на просторот, кој треба на дневна основа да прифаќа над четириесет лица со попреченост. Но, не е доволно ова за да одговорат институциите на барањата и потребите. Освен овој центар за работа со лица со попреченост, не само локалната самоуправа туку, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, треба да се планираат и да се изградат нови капацитети, затоа што бројот на корисници на вакви услуги од ден во ден е сè поголем – вели Јорданов.
Тој најави дека паралелно со овој центар, се размислува и за нови капацитети и за нови локации што ќе бидат од корист и за задоволување на потребите на родителите и на лицата со попреченост.











