Полицијата поднесе кривична пријава за „загрозување на сигурноста“ против таткото на девојката од Куманово, која преку социјалните мрежи јавно ги молеше институциите да го згрижат бидејќи бил насилен кон семејството поради душевно растројство и пијанство.
„СВР Куманово поднесе кривична пријава против П. Ц. (56) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело загрозување на сигурноста по член 144, став 3 од КЗ. Пријавениот подолг период, под дејство на алкохол, вршел психичко и физичко насилство врз членовите од неговото семејство, а на 11.07.2026 година психички ја малтретирал својата сопруга и се обидел физички да ја нападне. П. Ц. е пренесен во Психијатриската болница Демир Хисар“, соопштуваат од МВР.
Случајот стана вирален откако девојката од Куманово беше присилена јавно да ја раскаже својата семејна драма, со сите приватни детали за стравот и безизлезноста во која живеела со својот агресивен татко. Дури тогаш институциите најдоа решение за случајот и човекот беше сместен во психијатриската болница во Демир Хисар.
Во своето видеообраќање, девојката раскажа дека со години живее во страв поради својот татко, кој, според нејзините тврдења, има проблеми со алкохол и дијагностицирани психички нарушувања. Таа посочи дека во домот живеат три жени и нејзиниот брат со церебрална парализа, кој, како што вели, исто така бил изложен на трауматични ситуации. Според нејзиното сведоштво, семејството повеќепати се обидувало да добие институционална помош, но наидувале на проблеми при обезбедување соодветно лекување и сместување.(П.А.)












