Македонската кошаркарска репрезентација со стил ги започна претквалификациите за Евробаскетот 2029 година. Избраниците на селекторот Хозе Марија Берокал одиграа одличен натпревар на гостувањето кај Австрија и славеа со убедливи 91:59.
Уште од самиот почеток Македонија наметна целосна контрола на натпреварот. По само десет минути игра, нашата селекција имаше убедлива предност од 16 поени (30:14), најавувајќи дека Австријците тешко ќе можат да парираат. Домашните кошаркари не успеаја да пронајдат решение ниту во втората четвртина. Македонија продолжи да ја зголемува предноста, па на полувреме замина со огромни 19 поени разлика (49:30). Во второто полувреме, македонските репрезентативци одиграа рутински, ја контролираа играта и без поголеми проблеми ја одржуваа предноста. Во финишот, Македонија дополнително го зголеми водството и на крајот стигна до убедлива победа од 32 поени разлика – 91:59.
Најдобар поединец во македонскиот состав беше Виктор Ефремовски, кој го заврши натпреварот со 17 поени. Одличен беше и капитенот Ненад Димитријевиќ, кој оствари неверојатен трипл-дабл – 15 поени, 14 скокови и 11 асистенции. Новото американско засилување, Мозес Рајт, имаше одлично репрезентативно деби. Центарот на Олимпија Милано постигна 12 поени и девет скока, а со својата игра под кошевите покажа дека ќе биде големо засилување за македонската селекција.
Селекторот Берокал по натпреварот беше особено задоволен од начинот на кој неговите избраници го започнаа ФИБА-прозорецот.
- Секогаш е добро кога едно натпреварување ќе се започне со победа. Овој ФИБА-прозорец беше сосема поинаков од претходните – среде лето, некои играчи можеби сè уште не се во посакуваната натпреварувачка форма, а имавме и многу кратки подготовки, истакна Берокал.
Шпанскиот стратег призна дека пред натпреварот имало одредени прашалници околу формата на репрезентацијата, но неговите избраници на теренот дадоа најдобар можен одговор.
- Имаше доста прашалници пред натпреварот околу тоа како ќе изгледаме на теренот, но покажавме дека знаеме и можеме да играме. Извлековме одличен резултат, момците покажаа карактер и ова е само успешен прв чекор, додаде селекторот.
Како еден од клучните фактори за убедливата победа, Берокал ја издвои одбраната.
- Тимскиот дух најдобро се виде токму во одбраната. Го задржавме противникот на само 59 поени, што е одличен дефанзивен резултат против шутерска екипа. Ги добивме сите четвртини, рече Берокал.
Селекторот посочи дека Македонија игра особено квалитетно кога топката брзо се движи во нападот.
- Не е пресудно дали некој ќе погоди или ќе утне отворен шут. Најважен е начинот на кој играме и како ја градиме нашата игра, нагласи Берокал.
Тој имаше пофални зборови и за дебитантот Мозес Рајт, од кого во иднина очекува уште поголем придонес.
- Тој дефинитивно треба да биде нашиот главен стожер и референца под кошевите. Играчите од негов калибар се тука за да прават разлика на паркетот, а тоа денес беше повеќе од очигледно, истакна Берокал.
Рајт, пак, по дебито за Македонија, призна дека има простор за напредок, иако е задоволен од начинот на кој тимот ја заврши работата.
- Секогаш е убаво да се победи. Имавме и доста загубени топки, можам да набројам уште неколку работи кои треба да ги поправиме, но генерално сум задоволен бидејќи ја завршивме работата за која дојдовме овде, порача Рајт.
Американецот беше задоволен и од атмосферата во репрезентативниот табор.
- Среќен сум и поради атмосферата во екипата. Одигравме добар натпревар и заслужено победивме, додаде новиот македонски репрезентативец.
Следен противник за Македонија ќе биде Кипар, а натпреварот ќе се игра во Скопје, во ноември. Рајт се надева дека ќе биде дел од репрезентацијата и на тој натпревар.
- Можеби ќе биде тежок натпревар на физички план, но подготвени сме за тоа бидејќи знаеме како да играме. Јас лично сум одиграл голем број натпревари од таков тип. Очекувам да бидам дел од репрезентацијата и на тој натпревар, порача членот на Олимпија Милано.
За Македонија, ова беше прв триумф во вториот претквалификациски круг, додека Австрија го запиша вториот пораз.
По одличниот старт во Виена, Македонија сега ќе има можност пред домашната публика да продолжи со добрите игри и да направи уште еден важен чекор кон Евробаскетот 2029.











