Комбинираната кадетско-младинска репрезентација на Македонија стигна до првата победа на Медитеранските игри во Таранто. Нашите млади ракометарки одиграа сигурен и борбен натпревар и заслужено ја совладаа селекцијата на Косово со 27:21.
Македонија уште од почетокот наметна свое темпо и во најголемиот дел од натпреварот го контролираше резултатот. Со дисциплинирана игра во одбраната и ефикасен напад, избраничките успеаја да ја одржат предноста и во завршницата без проблеми да го приведат мечот до крај.
Капитенот Леона Миленкоска беше лидер на македонскиот состав со седум погодоци. Одличен настап имаше и Мила Рисовска, која постигна пет гола и беше втор стрелец во нашата селекција.











