Предметот „Тотал“ на поранешното Специјално јавно обвинителство кој се однесува на даночно затајување од страна против новинарот Драган Павловиќ-Латас и три правни лица заврши. Основниот кривичен суд Скопје информира дека е донесе пресуда со која се одбива обвинението за предметот, откако надлежниот јавен обвинител се откажал од обвинителниот акт во целост.
Како што информира Судот, на 27 мај 2026 година е донесена пресуда со која се одбива обвинението, бидејќи обвинителството се откажало од понатамошното гонење.
Предметот, кој во Кривичниот суд се водел од октомври 2017 година, се однесувал на обвинение за кривично дело „даночно затајување“ против Драган Павловиќ – Латас како физичко лице и три правни лица од Скопје.
„Предметот неколку пати почнуваше од почеток заради промена на надлежноста на јавниот обвинител и преземање на предметот од едно во друго обвинителство, за на последното рочиште, надлежниот јавен обвинител, во завршен збор да се откаже од понатамошно гонење на обвинетите“, соопшти Кривичниот суд.
Според Судот, обвинителот, врз основа на вештиот наод и мислење, најпрво направил измени во обвинителниот акт, по што утврдил дека за две од обвинетите правни лица не се исполнети законските елементи на кривичното дело „даночно затајување“. За едно правно лице и за Драган Павловиќ – Латас, пак, во меѓувреме настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.
„Заради сето тоа, судот постапил согласно законските одредби и ја донел наведената пресуда“, наведуваат од Судот.
Пресудата од 25 јуни 2026 година е правосилна, а Судот информира дека веќе се изготвени и решенијата за трошоците на странките. По анонимизацијата, пресудата ќе биде објавена и на веб-страницата на Кривичниот суд.












