четврток, јули 16, 2026
Дома СВЕТ ОН: Бродолом во близина на Мјанмар, околу 500 луѓе се исчезнати обидувајќи...

ОН: Бродолом во близина на Мјанмар, околу 500 луѓе се исчезнати обидувајќи се да ја напуштат земјата – прогнозите за преживеани се црни

29
Фото:википедија

Се стравува дека повеќе од 500 луѓе, претежно членови на муслиманското малцинство Рохинџа, се мртви откако два брода се превртеа во близина на брегот на Мјанмар, соопштија Меѓународната организација за миграција и агенцијата за бегалци на ОН.

Според прелиминарните информации, двата брода испловиле од државата Ракхин во Мјанмар кон крајот на јуни со повеќе од 500 патници, вклучувајќи ги и жителите на бегалските кампови во Кокс Базар, Бангладеш, соопштија Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), како што објави „Ројтерс“.

ОН вели дека првиот брод, кој превезувал околу 250 луѓе, изгубил контакт кратко по заминувањето, додека вториот, кој превезувал околу 280 патници, се верува дека потонал на 8 јули во близина на брегот на регионот Ајејарвади во Мјанмар.

„Иако деталите за инцидентите и бројот на жртви сè уште не се официјално потврдени, УНХЦР и ИОМ се сериозно загрижени за потенцијално катастрофалната загуба на животи“, соопштија двете агенции во заедничка изјава.

Припадниците на малцинството Рохинџа со години се обидуваат да избегаат од насилството и суровите услови за живот во Мјанмар и бегалските кампови во Бангладеш, користејќи опасни поморски патишта кон Малезија, Индонезија и Тајланд, објави „Ројтерс“.

ООН соопшти дека речиси 300 мигранти и бегалци Рохинџа, како и државјани на Бангладеш, се пријавени како исчезнати или мртви во Андаманското Море и Бенгалскиот Залив оваа година.

ИЗДВОЕНИ