Запуштената површина на плоштадот „Македонија“ конечно добива нов и уреден изглед. Во тек е хортикултурно уредување и поставување ново зеленило, со што просторот ќе прерасне во мала зелена оаза. Истовремено се заменуваат оштетените плочки кај Порта „Македонија“, а продолжува и обновувањето на подната фонтана. Целта е центарот на Скопје да добие современ и привлечен изглед

 

По информацијата на весникот ВЕЧЕР дека се уредува Градскиот плоштад, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на „Фејсбук“ објави дека запуштената површина на плоштадот „Македонија“, која, како што вели, граѓаните со години ја нарекувале „ливада“, конечно добива нов и достоинствен изглед.

– Во тек е целосно хортикултурно уредување на просторот и поставување ново зеленило, со што ова место ќе прерасне во мала зелена оаза која природно и совршено ќе се вклопи во изгледот на централниот градски плоштад – истакна Ѓорѓиевски.

Тој наведе дека истовремено биле заменети значително оштетените подни плочки на потегот кај Порта „Македонија“, а активностите за обновување на преостанатите оштетени делови ќе продолжуваат и неделава.

– Со силна динамика се работи и на обновувањето на подната фонтана. Наскоро, целиот овој простор повторно ќе претставува уредна, современа и привлечна целина, вистинска разгледница на Скопје. Се грижиме за секој простор и за секој детаљ, затоа што центарот на главниот град мора да биде неговото најубаво лице – заклучи Ѓорѓиевски.

ИЗДВОЕНИ