Граѓаните реагираат на тажната глетка во Градскиот парк, кога во него бараат прибежиште од летните горештини. Се жалат на прикрпените мостови, гадните чешмички од кои, како што велат, две едвај функционираат на екстремно високите температури. Нагласуваат дека сакаат убав, голем и зелен парк. Воедно, укажуваат и на тоа дека сè уште не се собрани испаднатите дрвја од невремето, а целиот парк е исушен бидејќи, според нив, не се наводнува. Бараат од Град Скопје да го среди паркот и мостовите, но и да се сменат чешмичките

Градскиот парк остана единственото прибежиште за скопјани од летните горештини. Кога температурите надвор достигнуваат до +40 Целзиусови степени, дебелите сенки се лек за душата и скривалиште од жешкиот асфалт. Но, и единствената зелена оаза, која, според граѓаните, треба постојано да се одржува за да можат сите да уживаат под ладовина.

Дел од граѓаните реагираат дека глетката е тажна.

– Закрпени мостови, гадни чешмички од кои две едвај функционираат на екстремно високите температури – реагираат граѓани, потенцирајќи дека сакаат убав, голем и зелен парк. Воедно, укажуваат и на тоа дека сè уште не се собрани испаднатите дрвја од невремето, а целиот парк е исушен бидејќи, според нив, не се наводнува.

– Деца трчаат, сенки рој, бездомни кучиња рој, ама убаво е, важно свети фонтаната, гордоста на скопјани – коментираат скопјани.

Бараат од Град Скопје да го среди паркот и мостовите, но и да се сменат чешмичките што ги постави претходната скопска градоначалничка, Данела Арсовска.

Го повикуваат скопскиот градоначалник да отиде до паркот за да види што се случува, но и да вети дека сè ќе среди.

– Три до четири компании да реновираат сè што може, па да ги благословуваме – предлагаат граѓаните.

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ информираат дека, со соодветна механизација, интензивно работат во Градскиот парк на отстранување на паднатите гранки и дрвја по неодамнешното невреме.

– Паднатите дрвја се расчистуваат со цел просторот да биде уреден за посетителите. Екипите продолжуваат со работа на терен низ останатото градско зеленило, сè до целосно отстранување на последиците од невремето – соопштија од претпријатието.

Сите 19 мостови во Градскиот парк беа реновирани кон крајот на 2020 година , кога градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов.

Како што беше најавено, обновата опфати замена на дрвените подови со нови, поквалитетни дрвени материјали отпорни на климатски влијанија, премачкување на металните површини со боја што овозможува заштита од корозија, поставување рампи за велосипедисти и лица со посебни потреби и други зафати кои ќе ги направат овие мостови побезбедни за користење, подолготрајни и естетски поубави. Се очекува активностите за обнова на мостовите да завршат за два месеци.

– Нашата цел е на граѓаните да им овозможиме да уживаат во Градскиот парк, а кога ќе преминуваат преку овие мостови, да се чувствуваат безбедно. Скопје е град што вложува во својот развој, и покрај тешките услови. Пандемијата ќе помине, а животот ќе мора да продолжи. Да го дочекаме продолжувањето на животот со што подобра инфраструктура и во Градскиот парк и на нашите улици – рече Шилегов на почетокот на градежните работи за обнова на мостовите во Градскиот парк.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ