среда, октомври 21, 2026
Дома СВЕТ Започнаа апсења во Унгарија: Скандал тежок стотици милијарди форинти, приведен екс гувернерот...

Започнаа апсења во Унгарија: Скандал тежок стотици милијарди форинти, приведен екс гувернерот на Централната банка

1
EPA/OLIVIER HOSLET

Ѓерѓ Матолчи, поранешниот гувернер на Централната банка на Унгарија, денеска бил повикан на испрашување во Централното истражно обвинителство, пренесува унгарскиот информативен портал „Telex“.

Покрај Матолчи, приведени се и неколку други лица, меѓу кои еден адвокат и сопственик на компанија што извршила реновирање на вила на Миконос – имот што се поврзува со синот на поранешниот гувернер, Адам Матолчи.

„Мојот клиент е осомничен за економска измама што резултирала со значителна финансиска загуба, како и за употреба на фалсификувана приватна исправа“, изјави Пал Батки, правниот застапник на Ѓерѓ Матолчи.

Централното истражно обвинителство (KNYF) денеска издаде соопштение во кое потврдува дека се спроведуваат координирани истражни дејствија во рамките на тековна истрага за кривично дело поврзано со несовесно управување и елементи на измама, што предизвикало значителна финансиска загуба.

Според информациите, обвинители од Истражното обвинителство во моментов спроведуваат процесни дејствија на неколку локации поврзани со Централната банка на Унгарија (MNB).

Во септември, раководството на Централната банка на Унгарија поднесе пријава за несовесно управување, небрежност, измама и злоупотреба на службената положба, во врска со намалувањето на вредноста на пет недвижности што се во сопственост на банката. Кратко потоа, гувернерот на Централната банка, Михаљ Варга, објави дека – во предвидениот рок – доставил дополнителни 30.000 страници документација до истражната комисија која ги испитува злоупотребите поврзани со работењето на Централната банка на Унгарија (MNB) во минатото.

На почетокот на октомври, парламентарната истражна комисија, задолжена за расветлување на скандалот во Централната банка на Унгарија, повеќе од три часа ги испрашуваше поранешните пратеници Лајош Коша и Ерик Банки.

Во 2016 година, Банки предложи законски измени со кои би се оневозможиле идни барања за информации за тоа како фондациите на Централната банка ги трошат своите средства, а во тоа време, Коша беше шеф на пратеничката група на партијата „Фидес“. Во средината на март минатата година, Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави три извештаи кои се однесуваат на Централната банка, вклучително и еден што се занимава со оперативното работење на самата Централна банка на Унгарија (MNB), како и со трошоците поврзани со реновирањето на нејзиното седиште.

Државниот завод за ревизија утврди сериозни недостатоци и одлуки што довеле до огромни загуби при управувањето со средствата на фондациите на Централната банка – средства проценети на стотици милијарди форинти.

Според порталот, преку разни трансакции со недвижен имот биле изгубени средства во вредност од приближно 200 милијарди форинти, кои им припаѓале на фондациите на MNB.

На почетокот на 2025 година, новиот гувернер на Централната банка, Михаљ Варга, иницираше истрага и се обрати до Државниот завод за ревизија. Во март минатата година, Државниот завод за ревизија утврди дека од фондациите на Централната банка на Унгарија исчезнале средства во вредност од стотици милијарди унгарски форинти, за време на мандатот на Ѓерѓ Матолчи.

ИЗДВОЕНИ