среда, октомври 21, 2026
Дома СВЕТ Трамп застана зад Ле Пен: Таа е конзервативниот глас на Франција

Трамп застана зад Ле Пен: Таа е конзервативниот глас на Франција

0

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, ја опиша француската крајнодесничарска лидерка Марин ле Пен како „конзервативен глас“ на Франција, по насилните протести и немири што избувнаа на 17 октомври – настани што тој ги поврза со имиграцијата.

Трамп изјави дека смета оти кон Ле Пен се постапувало неправедно, иако експлицитно не ја поддржа нејзината кандидатура за француските претседателски избори во 2027 година, пренесува BFM.

„Не ја познавам – немам се сретнато со неа – но мислам дека кон неа се постапувало неправедно“, рече Трамп одговарајќи на прашање од новинар дали ја поддржува француската десничарска лидерка.

Тој додаде дека Ле Пен претходно била во водство според анкетите и сугерираше дека, по неодамнешните немири, таа се наметнала како „конзервативен глас“ на Франција.

Во последните денови, Трамп во повеќе наврати ги коментираше грабежите и немирите во Франција, користејќи ги овие настани за дополнително да го истакне својот строг став кон имиграцијата, пред американските избори на средината на мандатот, закажани за 3 ноември.

На предизборен собир во Канзас во понеделникот, Трамп се осврна на ситуацијата во Франција, тврдејќи дека земјата е преплавена со мигранти, џихадисти и комунисти.

„Мигрантите ја презедоа Франција. Мораат да ги затворат границите – и тоа брзо“, напиша тој претходно на својата платформа за социјални медиуми, „Truth Social“. Франција се соочи со бран протести што започнаа кон средината на септември, кога средношколци од париските предградија излегоа на улиците барајќи подобри услови во своите училишта. Подоцна, на протестите им се придружија и граѓани незадоволни од растот на цените, а демонстрациите се проширија и во други делови од земјата.

Најголемиот протест се одржа на 17 октомври, кога, според француското Министерство за внатрешни работи, се собраа околу 550.000 луѓе. За време на немирите, полицијата употреби солзавец, шок-бомби и водени топови.

Во март 2025 година, Ле Пен беше прогласена за виновна за злоупотреба на јавни средства и ѝ беше изречена петгодишна забрана за вршење јавна функција. Според француските медиуми, со дополнителна одлука времетраењето на оваа забрана е намалено на 15 месеци – период што таа веќе го отслужила – со што ѝ се овозможува да се кандидира на претседателските избори во 2027 година.

ИЗДВОЕНИ