Кој ќе го наследи Доналд Трамп во Белата куќа? Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, за првпат поотворено зборуваше за своите планови за претседателските избори во 2028 година, откривајќи дека сè уште нема одлучено дали ќе влезе во трката – но и дека верува оти би можел да смета на поддршката од актуелниот американски претседател доколку се кандидира.
Во интервју, за кое извести „Еј-Би-Си њуз“ (ABC News), Венс призна дека прашањето за неговата можна кандидатура сè уште не било предмет на разговор со Трамп, иако тој долго време се споменува како еден од можните наследници на американскиот претседател.
„Навистина сè уште немам одлучено што ќе правам во 2028 година. Дури и не сум размислувал за тоа. Мислам дека претседателот би ме поддржал доколку се кандидирам“, рече Венс.
Тој верува во поддршката од Трамп, но постои и друга можност.
Американскиот потпретседател смета дека поддршката од Трамп би можела да одигра исклучително важна улога при изборот на републиканскиот претседателски кандидат.
Сепак, тој укажа и на можноста претседателот да одлучи да не зазема страна премногу рано, туку да им дозволи на кандидатите сами да ги водат своите кампањи и да се обидат самостојно да ги придобијат гласачите.
„Мислам дека би ја добил неговата поддршка, но исто така сметам дека е логично кандидатите сами да ги водат своите кампањи. Бидејќи поддршката од претседателот има одлучувачка тежина, можно е тој да одлучи да остави трката да се одвива сама по себе, наместо однапред да го предодредува исходот“, објасни Венс.
Тој повтори дека верува оти Трамп би ја поддржал неговата кандидатура, но нагласи дека двајцата сè уште не разговарале за ова прашање.












