Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) продолжува да ја зацврстува соработката со професионалните организации од регионот. Во Скопје, Институтот беше домаќин на претставници на Институтот на сметководители и ревизори на Косово (SCAAK), каде што двете организации разговараа за идните заеднички активности и развојот на сметководствената професија. На средбата беа разменети искуства, добри практики и информации за тековните активности на двата института, а акцентот беше ставен на професионалната едукација, унапредувањето на знаењата, етичките стандарди и предизвиците што ги носат дигитализацијата и вештачката интелигенција.

Претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, истакна дека средбата била исклучително продуктивна и дека веќе се дефинирани областите во кои ќе се продлабочува соработката.

– Со нашите колеги од Косово разговаравме за конкретни чекори за зајакнување на професионалната едукација, унапредување на етичките стандарди и справување со новите технолошки предизвици. Во наредниот период ќе ги засилиме регионалните и меѓународните активности за дополнителен развој и афирмација на македонската сметководствена професија – рече Прентоска.

Од косовскиот Институт оценија дека ваквите средби се важни за размена на знаење и создавање нови можности за професионален напредок. Извршната директорка на SCAAK, Теута Укшини Алиу, нагласи дека особено ги импресионирале активностите што ИСОС ги спроведува за доближување на професијата до младите, како и иницијативите за регионално поврзување.

– Веруваме дека преку заеднички обуки, размена на експерти и споделување добри практики можеме да придонесеме за поквалитетно финансиско известување и посилна професија во двете земји – истакна Алиу.

Од ИСОС потсетуваат дека регионалната соработка е еден од нивните стратешки приоритети. Во изминатите три години Институтот успешно организира регионални конференции кои годинава собраа околу илјада учесници од земјава и странство, отворајќи дебата за најактуелните теми во професијата. Во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на работа, од ИСОС сметаат дека вложувањето во знаење, професионални стандарди и меѓународна соработка е клучно за понатамошниот развој на сметководствената професија.

ИЗДВОЕНИ