Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, вчера, во Приштина, учествуваше на завршната церемонија за доделувањето грантови за општините, преку ИПА III програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Македонија.
Проектот „Заеднички напори за намалување на отпадот и за подобрување на одржливоста – REDUCE“ е финансиран од Европската Унија, преку ИПА III програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Македонија 2021-2027.
– Овој проект има цел да придонесе за почиста и поодржлива животна средина, преку подобрување на системите за собирање, селекција и рециклирање на отпадот. Активностите во најголема мера се насочени кон надминување на заедничките предизвици со кои се соочуваат двете општини во Косово и во Македонија. Воедно, проектот ќе помогне Општината да ги унапреди своите практики, согласно со европските стандарди за заштита на животната средина – соопштија од Општина Бутел.
Оттаму додаваат дека добивката од проектот REDUCE е почиста и поздрава животна средина, современо управување со отпадот и поголема еколошка свест кај граѓаните.
– Со помош и поддршка од Европската Унија, се создаваат конкретни и долгорочни решенија, кои во голема мера ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните во двете општини – сметаат општинските власти.












