Настапот што се одржа пред родители, гости и љубители на фолклорот, во Музејот на македонската борба за самостојност, со програма што ја прикажа посветеноста на ансамблот кон зачувување на македонската традиција, предизвика бурни аплаузи и одушевување, а познатите ора ги разиграа срцата на присутните
Македонскиот фолклор и македонската традиција уште еднаш ја покажаа целата своја убавина и своето богатство на целовечерниот концерт што го одржа академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ завчеравечер, по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Присутните со воодушевување ги следеа игроорците, кои со голема професионалност настапија пред публиката.
Вечерта почна со настапот на најмладите игроорци, кои ја отворија програмата со ората „Македонско девојче“, „Чупурлика“ и „Бувчанско оро“.
Нивната енергија и прецизноста ја поставија основата за другиот дел од програмата. Публиката потоа уживаше во кореографијата „Овчарка“, проследена со ора од Горно Џумајско и од Чачак.

Особено внимание привлече кореографијата „Водарки“, која со својот сценски израз ги долови секојдневната работа и животот на македонската жена.
Најмладите повторно се вратија на сцената со ората „Одено“ и „Пајдушко“, по што пејачката група на друштвото, под менторство на професор Александар Димитриевски, изведе подготвена песна и доби громогласни аплаузи.
Во вториот дел од концертот беа изведени кореографиите „Жетварки (Се ближи жетва)“ и сплетот игри „Паланeчка тројка и четворка“. За крај, премиерно беше претставена новата кореографија „Пирин“, која го затвори концертот со силен емотивен набој.
Целата вечер беше проследена со огромен интерес и внимание од страна на присутните, а македонските игроорци, од најмали до најголеми, покажаа како се чуваат македонскиот фолклор и традицијата.
Програмата беше подготвена под раководство на уметничките раководители Љубе Јаневски и Благоја Јовановски.

Од АКУД „Мирче Ацев“ истакнаа дека со овој концерт сакаат да ги одбележат делото и величината на светите Кирил и Методиј, основоположниците на словенската писменост и духовност.
„Веруваме дека овој концерт ќе остане длабоко врежан во вашите и нашите спомени“, порачаа од друштвото на крајот од вечерта, упатувајќи благодарност до сите учесници и гости.

АКУД „Мирче Ацев“ е едно од најстарите и најактивни културно-уметнички друштва во земјата, со континуирана работа на зачувување и презентација на македонскиот фолклор. формирано во текот на 1949 година, со одлука на Универзитетскиот одбор на Студентската младина на Македонија. Активностите на Друштвото започнале да се одвиваат преку Академскиот хор, Фолклорниот ансамбл, Академската сцена, Народниот и Изворниот оркестар, како и преку Детското фолкорно студио. Своите уметнички достигнувања ги презентира во нашата земја и во странство, постигнувајќи значајни успеси во афирмирањето на македонското културно творештво.












