сабота, август 1, 2026
Дома МАГАЗИН Забраната не ги даде очекуваните резултати: Повеќе од 80 % од австралиските...

Забраната не ги даде очекуваните резултати: Повеќе од 80 % од австралиските тинејџери сè уште користат социјални мрежи

0

Повеќе од 80 проценти од австралиските тинејџери продолжиле да ги користат социјалните медиуми три месеци откако стапи на сила првата законска забрана во светот со која се ограничува пристапот до платформите на лицата под 16 години, покажа студијата на регулаторот за безбедност на интернет eSafety.

Во извештајот, објавен вчера, се наведува дека мнозинството деца на возраст од 10 до 15 години ги користеле социјалните медиуми во март приближно толку често колку и пред да стапи на сила забраната на 10 декември минатата година, објави Ројтерс.

Дополнително, утврдено е дека се забележува намален степен на информираност кај родителите во врска со онлајн активностите на нивните деца.

Во рамки на истражувањето се наведува дека по стапувањето на забраната во сила, евидентиран е „статистички значителен пад“ во бројот на профили на „ЈуТјуб“, „Снепчет“ и „ТикТок“, односно процентот на деца со такви профили се намалил од 52 на 42 проценти.

Поголем број од лицата под 16 години, кои поседувале профили пред воведувањето на забраната, успеале да ги задржат или отворат нови такви профили по три месеци. Главната причина за ова е неуспехот на онлајн платформите да спроведат ефективни методи за верификација на возрастта, истакнуваат од „еБезбедност“.

Австралија е првата држава во светот која вовела ваква регулатива, поради загриженоста за потенцијалното негативно влијание на социјалните медиуми врз менталното и физичкото здравје на најмладите. Регулаторните мерки во Австралија внимателно се следат од страна на голем број земји кои разгледуваат можност за воведување слични рестрикции.

Пред воведувањето на забраната, речиси 86 проценти од анкетираните деца користеле барем една платформа со ограничување на возрастта. Три месеци подоцна, овој процент останал над 81 процент.

Приближно половина од децата изјавиле дека ги задржале своите постоечки профили, без соодветна проверка на нивната возраст од страна на платформите. Другите тинејџери, пак, навеле дека се постари од 16 години.

Студијата во голема мера ги потврди привремените податоци презентирани од „еБезбедност“ кон крајот на март. Тогаш, регулаторот иницираше истрага за потенцијално непочитување на законот од страна на пет водечки платформи: „Фејсбук“ и „Инстаграм“ (во сопственост на „Мета“), „Снепчет“, „ТикТок“ и „ЈуТјуб“ (во сопственост на „Гугл“).

Австралиската Влада, во јуни, објави дека двојно ќе ги зголеми максималните парични казни за технолошките компании кои нема да ги почитуваат прописите, како и дека дополнително ќе ги зајакне овластувањата на „еБезбедност“ за прибирање информации.

Истражувањето, исто така, покажало дека и покрај забраната, не е забележано зголемување на спортските и физичките активности кај децата, ниту пак пораст на интересот за уметност и музика. Тие, исто така, не поминувале повеќе време со пријателите и семејството, ниту пак учествувале почесто во активности во заедницата.

Извештајот на „еБезбедност“ е подготвен од меѓународни универзитетски истражувачи, а истиот се темели на споредба на податоци од над 4.000 деца и нивните семејства, пред стапувањето на забраната на сила и три месеци по нејзиното воведување.

ИЗДВОЕНИ