– Од особено значење за промоцијата и за видливоста на нашата земја е тоа што во текот на Македонската културна недела во Албанија, на главниот булевар во Тирана ќе бидат поставени македонски знамиња. Оваа година програма е особено богата и обемна и ќе обедини голем број уметници и учесници од Македонија – вели, меѓу другото, Ема Попивода, директорка на Културно-информативниот центар во Тирана
Во Тирана, Драч и во Корча, од 3 до 6 септември ќе се одржи Македонската културна недела во Албанија, во организација на македонскиот Културно- информативниот центар во Тирана, предводен од директорката Ема Попивода.
Како што посочува Попивода, годинава програмата е особено богата и обемна и ќе обедини голем број уметници и учесници од Македонија.
– Во рамките на Културната недела, ќе бидат реализирани концерти, изложби, фолклорни настапи, поетски и драмски изведби, диџеј-настапи, промоција на вино и на пиво, преку кои ќе бидат претставени македонските култура, уметност и традиција. Од особено значење за промоцијата и за видливоста на нашата земја е тоа што во текот на Културната недела, на главниот булевар во Тирана ќе бидат поставени македонски знамиња – посочува, меѓу другото, директорката.
Неделата на македонската култура во Албанија ќе биде свечено отворена со голем концерт на 3 септември (20:00 ч.), во концертна сала на Православната црква во Тирана и ќе биде во два дела, а ќе настапат вкупно 80-мина изведувачи. Во првиот дел ќе настапи камерниот оркестар „Кон Темпора“, еден од реномираните камерни ансамбли од Македонија, кој воедно е дел од Сојузот на композитори на Македонија, со бројни настапи на концертните сцени и фестивалите на Балканот и низ Европа. На програмата ќе бидат изведени дела од класичната литература, како и македонски современи автори. Во вториот дел ќе настапи фолклорниот ансамбл на академијата „Ауро арт“, составен од игроорци, пејачи и од музичари на традиционални инструменти. Преку динамични кореографии, автентични народни носии од различни региони и музика во живо, ансамблот ќе ги претстави богатството и разновидноста на македонската фолклорна традиција.

Инаку, во рамките на програмата, покрај концертите на оркестарот „Ајга“ и на ансамблот „Кон темпора“ под диригентство на маестро Иван Еминовиќ и настапот на фолклорното друштво „Еуроарт академија“, предвидени се и концертот со поезија на квартетот „Мевлем“, диџеј-сетот на диџеј Pass-N-G-R и на диџеј Спиро, промоцијата на македонски вина и ракија, промоцијата на македонско пиво, монодрамата „Меѓникот“ во изведба на Доне Донев, изложбата на фотографии од Преспа на Пали Колефски, настап на фолклорно друштво од Мала Преспа и музички настап на Кристијан Ѓорѓи.
Завршниот настан на Неделата на македонската култура во Албанија ќе биде на 6 септември, во Старата чаршија во Корча и ќе претстави разновидна програма преку која ќе биде претставено македонското културно наследство преку фотографија, театар, фолклор и преку музика.
– Во духот на мисијата на Македонскиот културен центар во Тирана, кој има цел не само да ја промовира македонската култура туку и да ги поврзува уметниците и да создава можности за нова соработка, оваа Културна недела уште еднаш ќе покаже дека културата е најсилниот мост меѓу народите. Убедени сме дека настаните ќе привлечат многубројна публика и дека, во срцето на Албанија, ќе заблеска македонската култура во сета своја убавина, сила и раскош – додава Попивода.
Културната недела се реализира со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам, Амбасадата на Република Македонија во Албанија и Министерството за туризам, култура и спорт на Република Албанија.
Дополнителната финансиска поддршка од албанското Министерство е обезбедена како резултат на личниот ангажман на директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, и на континуираната соработка со албанските културни институции.
Особен придонес во подготовката и реализацијата на Културната недела даде амбасадорот Веле Трпевски, додека во организацијата на активностите во Корча особен ангажман имаше Елена Симоновски, Македонка од Албанија. (Д. Т.)












