За Треска никој не го боли глава

447

Езерото Треска и натаму останува руина, запуштено и нефункционално, препуштено на забот на времето. Ниту Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ниту Општината Сарај не успеаја да го заживеат овој спротско-рекреативен комплекс досега и да го стават во служба на граѓаните, со што воедно би се привлекле и туристи и посетители од другите градови, не само од Скопје. Одговорноста за состојбата на овој комплекс тие си ја префрлаат едни на други. Претходно, тоа не успеаја да го сторат ниту скопските градоначалници

 

Езерото Треска и натаму останува руина, запуштено и нефункционално, препуштено на забот на времето. Ниту Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ниту Општината Сарај не упеаја да го заживеат овој спротско-рекреативен комплекс досега и да го стават во служба на граѓаните, со што воедно би се привлекле и туристи и посетители од другите градови, не само од Скопје. Одговорноста за состојбата на овој комплекс тие си ја префрлаат едни на други. Претходно, тоа не успеаја да го сторат ниту скопските градоначалници.

Со одлука на Владата од 9.3.2021 година е основана туристичка развојна зона со која треба да стопанисува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Од Општина Сарај велат дека директорот на Агенцијата формирал комисија за спроведување постапки за јавно надавање на земјиште ТРЗ Сарај Езеро Треска, во чиј состав се членови од Агенцијата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финанси, Министерството за
економија, Катастарот за недвижности и од Општина Сарај.

– И покрај честите измени на составот на комисијата, таа има одржано вкупно 10 седници, односно состаноци и е стигнато до самиот чин на подготвување објава за отуѓување градежно земјиште сопственост на државата – појаснуваат од Општина Сарај.
Оттаму додаваат дека последниот состанок на комисијата бил одржан на 8.11.2023 година, кога, меѓу другото, членовите на комисијата извршиле и увид на самото место.

– Поради недостиг, односно прецизирање на законските одредби во врска со можноста за објава, односно немање софтверски услови од страна на Агенцијата, испратено е барање до Владата за изнаоѓање решение кој ќе биде одговорен за објавата. Од тој период, сè уште немаме известување. За тоа е информирана и ЗЕЛС и ние, како општина, сме заинтересирани да се изнајде епилог, односно да почне постапката според предвидената динамика и очекуваното, односно да заживее овој крај – децидни се од Општина Сарај.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека засега немаат ништо ново околу туристичката развојна зона Езеро Треска. Оттаму препраќаат до Министерството за транспорт и врски.

Од Министерството за транспорт и врски се оградуваат, објаснувајќи дека се формирани комисии за откупување земјиште.

– Ние не можеме да влијаеме. Надлежна е Општина Сарај. Согласно со Законот за градежно земјиште, целото неизградено и изградено државно земјиште им е предадено на општините. Тоа значи дека на Општината ѝ е оставено на располагање целото државно земјиште – децидни се од Министерството за транспорт и врски.

Оттаму додаваат дека тие се само последниот филтер да дадат согласност на ДУП донесен од општината.

– Пред да го дадат кај нас за согласност, Градот прво треба да одобри. Ние даваме одобрение за градба на објекти од А-категорија (болници, училишта, градинки), додека развојните планови треба да ги прават самите општини – истакнуваат од Министерството за транспорт и врски.   

Во минатото, додека беше овој комплекс во надлежност на Градот, градоначалниците ветуваа во своите изборни програми негова ревитализација, но досега не се случи тоа.

Поранешниот скопски градоначалник, Коце Трајановски, испланира 10 милиони денари за ревитализација на езерото Треска, но обидот пропадна, заради тоа што водата од реката Треска, според направените анализи, била неисправна за капење. Постоеја обиди да се копаат бунари, но се покажа скапо тоа.

Поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, ветуваше дека со јавно приватно партнерство ќе изгради пречистителна станица, која ќе ја направи здрава водата во езерото Треска, која, инаку, е во петтата категорија на загаденост, дека ќе го префрли ноќниот живот таму и дека ќе биде ставено во функција целокупното езерце, бидејќи, како што велеше, на луѓето од Скопје што немаат средства да одат на годишен одмор, оваа убавина ќе им биде помош во топлите летни денови, да може да се забавуваат и разладуваат.

– На ова место ќе го вратиме животот во Скопје, живот во Скопје за сите – порачуваше тогаш Шилегов.

Актуелната градоначалничка, Данела Арсовска, воопшто не го спомена овој комплекс, не презеде нешто за повторно да се актуализира неговото враќање во живот.

Од 2013 година, езерото Треска е во надлежност на Општина Сарај. Владата донесе одлука дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево што се наоѓа околу езерото, да се пренамени во градежно за да може Општина Сарај да направи детален урбанистички план и да ги вцрта маркичките за хотелски комплекс и за викенд-населба.

На крајот на јануари 2021 година, Општина Сарај почна со уривање на објектите и содржините околу езерото Треска. Со градежна механизација беа отстранети бунгаловите, тоалетите, гардеробите, рестораните, кафулињата и другите објекти изградени во 70-тите години од минатиот век, со самопридонес на граѓаните. Од Општината посочија дека уривањето на објектите во кругот на езерото е дел од постапката за заживување на езерото Треска. Претходно, кон крајот на 2020 година, Општина Сарај им даде рок од 60 дена на сопствениците на камп-приколки во кругот на езерото Треска за да ги отстранат своите објекти.

На крајот од јануари 2021 година, Општина Сарај го претстави новиот детален урбанистички план за ревитализација на езерото Треска. Новоусвоениот ДУП за езерото Треска предвидуваше спортско-рекреативен центар, базени, аквапарк, простор за забава на децата и на возрасните, викенд куќички, хотели и трговски центар. Тогаш беше соопштено дека се во тек правни процедури за прогласување на езерото за слободна туристичка зона и дека по завршувањето, може да започне реализацијата на овој проект. А откако ќе објави Владата јавни повици за инвеститори, ќе започнат работите, кои, според првичните пресметки, се очекува да траат околу три години.

Спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ е изграден во 1978 година, со самофинансирање на граѓаните, но поради загаденоста на водата, во 1998 година езерото беше затворено за капење.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ