понеделник, јуни 22, 2026
Дома СВЕТ За Трамп, Европа е инкубатор на тероризмот, а опасни се и левичарите,...

За Трамп, Европа е инкубатор на тероризмот, а опасни се и левичарите, антифашистите и трансродовите лица: Објавена новата американска антитерористичка стратегија

54
epa000273216 Family members of victims of September 11, 2001 terrorist attacks pay respect at Ground Zero, Saturday 11 September 2004 in New York City. Today is the third anniversary of the attacks that killed nearly 3000 people. EPA/Spencer Platt / POOL 2004 Getty Images

Во стратегијата се предупредува дека „светот е побезбеден кога Европа е силна, но Европа е во голема опасност – таа е и цел на терористи и инкубатор на терористички закани“. Во центарот на документот, сепак се ставени наркокартелите во Америка. Исто така, дел е посветен и на искоренување на „насилните левичарски екстремисти“, вклучувајќи ги и „радикално протрансродовите“ групи

 

Новата американска антитерористичка стратегија што администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја претстави во средата, ја одреди Европа како „инкубатор“ на тероризам, поради масовната миграција.

За европските нации, од кои многу се американски сојузници, во документот се наведува дека остануваат „најважните и најдолготрајни партнери на САД во борбата против тероризмот“, но во исто време се предупредува: „Светот е побезбеден кога Европа е силна, но Европа е во голема опасност – таа е и цел на терористи и инкубатор на терористички закани“.

– Сè поочигледно е дека добро организираните непријателски групи ги искористуваат отворените граници и глобалистичките идеали поврзани со нив. Колку повеќе се шират овие странски култури и колку подолго траат сегашните европски политики, толку повеќе се гарантира тероризмот, се вели во стратегијата во која се наведува и дека Европа, како родно место на западната култура и вредности, „мора да дејствува сега за да го запре своето свесно опаѓање“.

Нешто слично е наведено и во Стратегијата за национална безбедност, објавена пред неколку месеци. Во неа стои дека Европа се соочува со „цивилизациско уништување“ поради имиграцијата. Трамп неодамна остро се судри со европските сојузници во НАТО, исто така поради, како што тврди, недоволната помош во неговата војна против Иран.

Во Стратегијата што има 16 страници и е изработена од тим предводен од советникот на Трамп за борба против тероризмот, Себастијан Горка, како што пишуваат „Гардијан“, „Франс прес“ и „Асошиетед прес“, во центарот, сепак, се ставени наркокартелите во Америка. Исто така, еден дел е посветен и на искоренување на „насилните левичарски екстремисти“, вклучувајќи ги и „радикално протрансродовите“ групи. Познато е дека администрацијата на Трамп агресивно се обидува да ја преобликува Западната хемисфера, го собори Николас Мадуро во Венецуела и сака да изврши нов притисок врз комунистичката влада на Куба. Имаше десетици воени напади врз бродови за кои се сомневаше дека ги користат наркокартелите. Во кампањата за уништување на бродови за шверц на дрога во латиноамериканските води, која трае од почетокот на септември, убиени се најмалку 191 лице. Во исто време, Трамп врши притисок врз регионалните лидери да соработуваат потесно со САД во борбата против картелите и самите да преземат воени акции против шверцерите и транснационалните банди, за кои тој тврди дека претставуваат „неприфатлива закана“ за безбедноста на хемисферата.

Левичарските групи остануваат главна преокупација на републиканскиот претседател, а стратегијата е насочена кон она што тој го нарекува „насилни левичарски екстремисти, вклучувајќи анархисти и антифашисти“. Во неа се наведува дека напорите на САД за борба против тероризмот ќе „дадат приоритет на брзата идентификација и неутрализација на насилни секуларни политички групи чија идеологија е антиамериканска, радикално протрансродова и анархистичка“. Откако се врати на власт минатата година, Трамп го демонизира секое признавање на родовата различност и на трансродовите лица. Тој редовно се фали со забраната за трансродови жени во женските спортови, а кратко по неговата инаугурација, потпиша извршна наредба со која прогласи дека постојат само два пола.

Водачот на тимот што ја правел стратегијата, Себастијан Горка, објави дека претставници на администрацијата ќе се сретнат со сојузниците  за да разговараат за зајакнување на нивните стратегии за борба против тероризмот.

– Како што јасно рече претседателот, ќе ја мериме сериозноста на нашите партнери и сојузници според нивниот придонес, им рече тој на новинарите, додавајќи дека САД очекуваат „повеќе“ од своите партнери.

ИЗДВОЕНИ