Вселенското летало на „СпејсЕкс“, со четворица астронаути, се спои со Меѓународната вселенска станица (ISS) во текот на ноќта, по осумчасовно патување – што претставува рекорд во брзина.
„СпејсЕкс“ ја лансираше командантката на мисијата, Џесика Воткинс, и нејзиниот екипаж за потребите на НАСА, по тринеделно одложување поради поправка на истекување во системот за гориво на капсулата „Драгон“. Густата облачност се закануваше да го спречи лансирањето вчера наутро, но небото се расчисти, овозможувајќи безбедно полетување.
View this post on Instagram
Летот до ISS беше најбрзиот досега изведен од „СпејсЕкс“ – компанијата на Илон Маск – како и од кој било американски субјект, вклучително и НАСА.
Поволната положба на вселенската станица во моментот на лансирањето го овозможи брзиот транзит.
Астронаутите ќе останат на станицата шест месеци. Воткинс, геолог која пред една деценија работеше со НАСА на мисијата за испраќање на роверот „Кјуриосити“ (Curiosity) на Марс, стана првата Афроамериканка што предводи екипаж во орбитата. Ова е нејзино второ патување до ISS, по продолжениот престој во 2022 година.
View this post on Instagram
Останатите членови на екипажот се Лук Делани од НАСА, пензиониран припадник на Маринскиот корпус; Канаѓанецот Џошуа Кутрик, полковник во Кралските канадски воздухопловни сили; и Русинот Сергеј Тетериатников.
Тие ќе ги заменат четворицата астронаути кои живеат во оваа орбитална лабораторија уште од февруари. Ова беше 13-то лансирање на екипаж од страна на SpaceX за НАСА, не сметајќи го пробниот лет од 2020 година, пренесе „Бета“.












