Мајката на тинејџерката убиена од Криста Пајк вели дека смета оти државата ѝ должи извинување по неуспешното извршување на смртната казна оваа недела во Тенеси.
Обидот за извршување на казната во средата се случи 30 години откако Пајк беше осудена на смрт за убиството на 19-годишната Колин Слемер во 1995 година.
Пајк (50) – единствената жена осудена на смрт во Тенеси – се наоѓа во критична состојба во болница и прима медицинска помош за спасување на животот откако нејзиното погубување не успеа и покрај повеќекратните инјекции со смртоносна супстанција, соопштија нејзините адвокати во четвртокот.
Мајката на Слемер, Меј Мартинез, допатува со својот сопруг од нивниот дом во Оринџ Парк, Флорида, во Нешвил за извршувањето на казната, кое започна во средата навечер по низата правни обиди во последен момент да се одложи, пренесува „Фрсткоустњуз“.
„Тешко е. Бев скршена и плачев“, изјави мајката на жртвата за телевизиската станица WJXX преку телефон во четвртокот, додека се враќаше дома на Флорида.
„Лежеше на масата, зборуваше, сè уште се смееше, ја креваше главата.“
Прашана дали некој ѝ се извинил за она што се случило, таа одговори: „Не. Никој не се извини.“
„Мислам дека државата ми должи големо извинување“, рече Мартинез. „А како мајка, јас потфрлив во однос на неа“, додаде таа.
Сведоците на извршувањето на казната доцна во средата изјавија дека властите, по сè изгледа, администрирале две дози од смртоносниот лек пентобарбитал, но Пајк сè уште дишела еден час подоцна, кога сведоците биле изведени од просторијата.
Повеќе сведоци изјавија дека можеле да слушнат како Пајк дише многу гласно и ‘рчи откако биле дадени лековите, дури и откако биле повлечени завесите во просторијата за погубување.
Мартинез за телевизиската станица WJXX изјави дека прашала што ќе се случи понатаму и дали Пајк ќе биде вратена во затвор.
„Не знам што друго ќе правиме со неа. Тоа беше одговорот што го добив“, рече таа. „Реков: ‘Еве нè, 31 година подоцна, а ти повторно ми се смееш в лице’. Така се чувствував“, додаде Мартинез.
Откако Мартинез јавно побара помош за патните трошоци до Нешвил за извршувањето на смртната казна, заедницата во Џексонвил собра повеќе од 2.500 долари, објави WJXX.
„Сè што сакав беше правда“, рече Мартинез.
Ренди Спајви, адвокат од Канцеларијата за правна помош по правосилна пресуда во Тенеси, во четвртокот им изјави на новинарите дека Пајк е во критична состојба и прима медицинска нега за спасување на животот.
Правниот тим на Пајк побара од гувернерот на Тенеси, Бил Ли, да ја преиначи нејзината смртна казна. По неуспешното извршување на казната, Ли изјави дека наредил „независна ревизија“ и дека државата нема да спроведе ниту едно од планираните извршувања на смртни казни оваа година.
„Според нашите сознанија, Одделот за извршување на санкции го следеше протоколот точно како што е пропишано“, им рече гувернерот на новинарите во четвртокот. Тој додаде дека државата мора да утврди „зошто исходот овој пат беше поинаков од кога било претходно“.
„Никој не сакаше да се случи она што се случи синоќа. Тоа не требаше да се случи“, рече Ли.
„Луѓето во нашата држава заслужуваат одговори на тие прашања и затоа се спроведува оваа истрага“, додаде тој.
На прашањето каква е неговата порака до семејствата на Пајк и Слемер, Ли рече: „Ова е трагедија“.
„Никој не сакаше да се случи она што се случи синоќа. Тоа не требаше да се случи. Ова е најтешката можна околност во врска со казна што државата требаше да ја спроведе. Ова е трагедија и длабоко ме вознемирува што ова се случи во оваа држава. Луѓето заслужуваат подобро и ние ќе се погрижиме тоа и да го добијат.“
На прашањето дали разговарал со семејството на Слемер, гувернерот одговори дека не разговарал.
Во 1996 година, Пајк беше осудена за убиство од прв степен поради претепување, мачење и убиство на Слемер – колешка од програмата „Job Corps“ – во оддалечен дел од земјоделскиот кампус на Универзитетот во Тенеси. Пајк, која во времето на злосторството имала 18 години, ѝ кажала на една пријателка дека планира да ја убие Слемер бидејќи тој ден „едноставно се чувствувала злобно“. Според судските документи, таа признала дека го извршила злосторството заедно со нејзиното тогашно 17-годишно момче, Тадарил Шип.
Шип, исто така, бил осуден за убиство од прв степен поради неговата улога во злосторството и добил казна доживотен затвор со можност за условно ослободување.












