Делото, масло на платно „Шахисти“ на македонскиот сликар Никола Мартиноски (1903-1973) беше продадено за четириест и четири илјади евра (44 000 евра) на аукцијата на француската ауксионерска куќа Camille Chabroux Maison de ventes aux enchères од Тулуз, Франција, одбјави фејсбук-профилот „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“.
-Тоа беше највисоката понуда на победникот на наддавањето на сликата под реден број 34: „Nikola Martinoski (1903–1973), The Chess Players, Oil on canvas“ на аукцијата, иако таа беше претходно проценета на вредност помеѓу 4 и 6 000 евра од таксаторската куќа Cabinet Chanoit од Париз. Што значи крајната цена ја надмина проценетата вредност за 10 пати, пишува авторот на овој фејсбук-профил Влатко Милошевски.
Истакнува дека аукцијата се одржала минатата среда, во еден необичен пладневен термин околу 15:00 часот.
Појаснува и дека Мартиноски ги насликал „Шахистите“ во некое париско бистро во 1928-та година, за време на неговиот двегодишен престој во Париз.

-Не сакам претенциозност – но во овој случај претенциозноста е неизбежна – се работи за едно антологиско дело на Мартиноски. За мене можеби неговата најдобра слика која ја нацртал во Париз за време на тој негов престој. Сликата ја комбинира париската кубистичка авантгарда од тие доцни 1920-ти години со личниот експресивен стил на Мартиноски. Во ликовите на шахистите има толку многу динамика, толку многу живот, што едноставно човек не може да го оттргне погледот од сликата и не може, а да не се запраша – „Што зборуваат толку жустро шахистите?“, пишува авторот на фејсбук-профилот „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“.
Додава и дека Никола Мартиноски ја подарил сликата на некој негов пријател Французин, и од тогаш сликата се наоѓа во Јужна Франција.
-Некаде пред Ковид-пандемијата, сопственикот на сликата, претпоставувам сакајќи да ја продаде сликата, ги контактирал нашиве галеристи и музеи. Но најверојатно цената која ја барал била превисока за нашиот стандард. Потоа сликата се појавува на аукцијата во Тулуз и се продава за 44 000 евра. На оваа крајна цена аукционерската куќа зема 24% провизија – што значи дека крајната куповна цена е 55 000 евра. Сликата е во лоша состојба, постојат повеќе пукнатинки во бојата, мали дупчиња и загуба на боја во некои точки. На сликата ѝ е потребна професионална ресторација која според мене во најмала рака би чинела 1000 евра. Ако се додаде и цената на транспортот тогаш куповната цена достигнува 60 000 евра, истакнува Милошевски.
Додава и дека купувачот е сопственик на најдобрата уметничка галерија на југословенските простори, со седиште во Белград и дека веќе прати сигнал дека сликата ќе биде достапна и за нашите историчари на уметност за нејзина подетална анализа.
На Фејбук се огласија и од Галеријата Мартиноски кои учествувале на аукцијата во Тулуз, каде што се продаде делото „Шахисти” на Никола Мартиноски од 1928 година.
-Вложивме огромен напор „Шахистите“ да дојдат во Македонија, но другите учесници дадоа подобри понуди. Му честитавме на победникот и добивме ветување дека делото ќе биде достапно на македонските научници, а ќе се разгледа и опцијата „Шахисти“ барем привремено да се изложат и кај нас, напишаа од Галеријата Мартиноски.
Никола Мартиноски (Крушево, 1903 – Скопје, 1973) е истакнат македонски уметник и академик и една од најважните личности за развојот на македонското сликарство и култура во 20 век. Дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент за таа година. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson). Неговата прва изложба била во 1929 година во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година.












