Првото возење со градскиот воз повеќе личеше на мала подвижна прес-конференција, но симболиката беше јасна: железницата повторно треба да стане дел од секојдневното движење низ Скопје и да го растовари градскиот метеж. Возниот ред предвидува да има по девет поаѓање од Зелениково и од Транспортниот центар, а патувањето трае од 24 до 28 минути. Картата во еден правец чини 40 денари, а повратниот билет 70 денари, додека месечниот – 1.040 денари

Од Зелениково до Новата железничка станица – околу 20 минути. Толку траеше првото промотивно патување на линијата што ги поврзува Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче со центарот на Скопје.
Возот тргна од Железничка станица во 10:00 часот, а камерите веднаш го окупираа вагонот. На црвените седишта, еден спроти друг, седнаа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, заменик- министерката Калтрина Зеколи-Шаќири, директорите на „Железници“, луѓе од железницата и неколкумина патници. Околу нив – камери, фотоапарати и микрофони. Возот подзастана на станицата во Лисиче, а потоа продолжи до Зелениково. Таму беше точно во 10:20 часот, што значи патувањето траеше 20 минути, а беше комфорно, имајќи предвид дека беа удобни црвените седишта и беше вклучена климата.
Жителите, видно возбудени и среќни, го дочекаа градскиот воз. Тие не можеа да ги скријат емоциите и се навратија на времињата кога, како сега, сообраќал, како што го нарекоа, локалниот воз.
Седумдесет и тригодишната Трајанка Миновска вели дека е пресреќна што е пуштен овој воз.
– Ќе се растовари метежот во автобусите, а и побрзо ќе се стигнува отколку со автобус – истакна таа.
Миланка Димишковска, скорешна пензионерка што има 62 години, се сеќава дека, како дете, се возела во возот што сообраќал токму на истата линија, а кој, еве, по толку години, повторно се враќа.
– Автобусите доцнат, во нив нема клими, а со воз ќе биде побрзо и поудобно. Ќе го користам, бидејќи, еве, токму пред вратата ми застанува – се радува Петкана Ивановска.

Отправникот на возови на станицата во Зелениково, со двегодишно работно искуство, дваесет и двегодишниот Витомир Пауновски, вели дека по 30 години, редно е повторно да профункционира ваков воз. Тој се надева дека ваквиот превоз, и за пензионерите и за младите, ќе биде поефикасен и побрз од оној со градските автобуси.
Во меѓувреме, додека траеше возбудата од пристигнувањето на градскиот воз, во Зелениково пристигнаа премиерот Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, како и градоначалниците на општините Аеродром и Кисела Вода, Дејан Митески и Бети Стаменкоска-Трајкоска, кои го продолжија патувањето назад, со градскиот воз, од Зелениково до Железничката станица. Возот тргна во 11:10 часот од Зелениково, па за 10 минути, беше на станицата во Драчево, каде што подзастана, беше „почитувана“ и станицата во Лисиче. Возот беше на Железничката станица во 11:33 часот, што значи враќањето назад траеше 23 минути.
Првото возење со градскиот воз повеќе личеше на мала подвижна прес-конференција, но симболиката беше јасна: железницата повторно треба да стане дел од секојдневното движење низ Скопје и да го растовари градскиот метеж.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека условите во кои се поминува делницата од Зелениково до центарот на Скопје се навистина европски.
– Со ова не ги решаваме сите проблеми што ги имаме, но ова е чекор напред во делот на решавањето на дел од проблемите во транспортот и животната средина, загадувањето, имајќи предвид дека пред нас се грејната сезона и предизвиците што доаѓаат со неа – рече Мицкоски.
Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат големи проекти.
– Ветивме дека првата линија ќе почне на 1 септември, и така се случи. Се надевам дека ќе ја користат многумина, се надевам дека многу ќе им помогне и на учениците и на средношколците, на сите оние што сакаат навреме да стигнат на своите работни места, пензионерите, и ќе ја користиме сите ние – нагласи тој.
Според директорoт на ЈП „МЖ Инфраструктура“, Синиша Ивановски, симболичното возење со градскиот воз ја отсликува детерминираноста на Владата да инвестира во обновувањето на железничката мрежа.
Тој рече дека за преостанатите две линии од проектот „Градски воз“, паралелно се изработуваат проектните документации и доколку се одобрат средства од Владата, ќе бидат активирани до крајот на 2027 или најдоцна до почетокот на 2028 година.
– Од Зелениково до Скопје сега има 25 километри реконструирана железничка мрежа. На оваа фаза имаше бетонски прагови од 1959-1963 година, состојбата на пругата беше крајно незавидна и поради тоа бавно се возеше, дури и со само 20 километри. Во овој момент возовите без никаков проблем гравитираат со брзина од 80 километри на час, а некаде и со 100 километри на час. Се стигнува од Скопје до Зелениково за неполни 25 минути. Од Центар до Зелениково има повеќе станици. Има и 11 патни премини, а на секоја станица ќе има и паркиралишта за велосипеди – потенцира Ивановски.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази надеж дека со иста динамика и олку брзо темпо ќе се реализираат и наредите две фази за поефикасен транспорт во градот.
– Ова е една од алтернативите во транспортот што треба да ги извади граѓаните од автомобилите. Втората фаза е модернизацијата на ЈСП „Скопје“, за која е веќе завршена постапката и е потпишан договорот. Наскоро ќе стигнат новите 100 автобуси. Третата фаза е реализација на проектот БРТ и таму е финиширано сè. Во наредните 10 дена ќе се распише тендерот за избор на оператор. Брзо се движиме, брзо се модернизираме и, како Град Скопје, имаме силна поддршка од Владата – подвлече Ѓорѓиевски.
Возниот ред предвидува да има по девет поаѓање од Зелениково и од Транспортниот центар, а патувањето ќе трае од 24 до 28 минути. Картата во еден правец чини 40 денари, а повратниот билет 70 денари, додека месечниот билет – 1.040 денари.
Да се надеваме дека во иднина градскиот воз ќе биде користен од граѓаните.
(А. П.) Фото (П.Стојановски)












