вторник, октомври 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Војниците нема да мора да ја напуштат Армијата на 45 години!

Војниците нема да мора да ја напуштат Армијата на 45 години!

44

Професионалните војници кои ќе наполнат 45 години ќе добијат можност да останат во Армијата како цивилни лица, со трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. Новото решение е дел од реформата со која трајно треба да се реши статусот на професионалните војници по навршувањето на оваа возраст, информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тој појасни дека одлуката била донесена на владина седница, а решението е договорено и усогласено со Армијата и војниците.

-Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45-та година. Остануваат сите опции – отпремнина и трансфер во институциите, но со оваа реформа отвораме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата – изјави Мисајловски на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.

Министерот појасни дека станува збор за целосно ново решение, кое не е дел од Колективниот договор. Преговорите за договорот продолжуваат и во наредниот период.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека ова е значајна вест за професионалните војници, имајќи предвид дека прашањето за нивниот статус по навршувањето на 45 години се провлекува повеќе од 15 години. Според Лафчиски, професионалните војници кои ќе го трансформираат работниот однос ќе бидат распоредени во единиците каде што ќе ја извршуваат обврската за обезбедување на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата.

– Ве уверувам дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска – истакна Лафчиски.

Како што беше посочено на прес-конференцијата, месечните примања на војниците, вклучително и сите додатоци на плата, ќе останат непроменети. Нивното пензионирање ќе се одвива според постојните правила и одредбите од колективните договори во Армијата.

ИЗДВОЕНИ