Голем број авторитетни светски медиуми со суперлативи го оценуваат ова издание на кое елитната екипа ги изведува Концертот број 2 и Концертот број 5 – „Египетски“ на познатиот француски композитор Сен-Санс. Станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и во јуни 2024 година, во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на цеде-изданието е искористено делото „Пејзаж“ на нашиот ликовен уметник Славчо Спировски
Голем број авторитетни светски медиуми со суперлативи го оценуваат новиот албум во живо, во издание на британската издавачка куќа „Лин рекордс“, на кој нашиот светски познат пијанист, Симон Трпчески, е обединет со данскиот диригент Томас Сондергард и со Кралскиот шкотски национален оркестар, во изведбата во живо на два концерти за пијано и оркестар од Камиј Сен-Санс.
Станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и во јуни 2024 година, во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на цеде-изданието е искористено делото „Пејзаж“ на нашиот ликовен уметник Славчо Спировски.

– Претпоставувајќи дека слушателот, веројатно, ќе посака да се приклучи, издавачката куќа „Лин рекордс“ мудро го заокружува овој албум со 22 секунди бурен аплауз од публиката откако македонскиот пијанистички виртуоз, Симон Трпчески, го заврши својот блескав, енергичен поход низ шармантно ведрото финале на Концертот за пијано бр. 5 од Сен-Санс. Всушност, имав желба да аплаудирам уште во текот на првата композиција на албумот, кога ги изведе Трпчески воведните мотиви на Вториот концерт, кои потсетуваат на Бах, со импозантна длабочина на звукот, достојна за оргули во катедрала, за во истиот миг да прејде во етерична леснотија, ритмичка елеганција и неверојатна вештина при изведбата на кристално јасни арпеџа. Притоа, во текот на изведбите во живо во Глазгов, овој пијанист не ја присвојува целата сцена за себе, освен преку повремени „музички намигнувања“. Напротив, доминира впечатокот за едно топло, хармонично единство помеѓу Трпчески, неговиот агилен диригент Томас Сондергард и одличниот Кралски шкотски национален оркестар – истакнува критичарот на Би-би-си музичкиот магазин, Џеф Браун, оценувајќи го изданието со максималните 5 ѕвездички.
– Двете снимки, снимени во живо во Глазгов, со дистанца од неколку месеци, ни го прикажуваат величествениот Симон Трпчески, прикажувајќи го целиот спектар пијанистички способности што го наведоа „Сиетл тајмс“ да напише дека тој е „најдобриот производ на Македонија од времето на Александар Велики“. Накратко, Трпчески нè почестува со одлична изведба на пијано“ – пишува критичарот на францускиот музички месечник „Дијапазон“, Пол де Лои.
Дирк Шаус од германски „Онлајнмеркер“, пак, оценува:
– Симон Трпчески уште еднаш докажува дека ѝ припаѓа на елитата во својата професија – меѓу оние што не се потпираат врз вештината за сценски настап, туку им приоѓаат на работите од архитектонска перспектива. Цеде за познавачите што ја ценат интелектуалната длабочина на музиката и лесно може да се снајдат без евтини трикови.
Уредникот на луксембуршкиот магазин за класична музика „Пицикато“, Реми Френк, пак, за изведбата на Трпчески, оценувајќи го изданието со врвни 5 ноти, подвлекува:
– Свирењето на пијанистот е префинето во својата чувствителност, феноменално во својата техника и апсолутно извонредно во употребата на бои, што, исто така, прекрасно го истакнува егзотичниот квалитет на музиката.
Инаку, веќе в четврток Трпчески, во Минеаполис, САД ќе настапи со Оркестарот на Минесота, како и на Тенерифе, каде што ќе концертира со тамошниот симфониски оркестар.
На 2 и 3 ноември, со „Камерен музички десерт“, Трпчески ќе настапи во салата на Македонската филхармонија во Скопје, во организација на „Прагма продукција“.












