Македонија и Црна Гора ќе бидат првите држави каде што ќе се користи сателитската мрежа „Старлинк“ директно за мобилни комуникации, најави вицепремиерот Александар Николоски во телевизиско интервју. Според него, новиот мобилен оператор „4иГ“ веќе објавил стратешка соработка со компанијата „Старлинк“ на Илон Маск, што претставува значаен чекор во развојот на телекомуникациите во земјава.
Тој појасни дека, согласно со договорот за концесија што му го додели Агенцијата за електронски комуникации, операторот треба до март следната година да покрие најмалку еден град, а до крајот на годината да обезбеди покриеност на целата држава. Како прв град е избрано Скопје, кое, според него, опфаќа значителен дел од телекомуникацискиот пазар.
Николоски посочи дека во почетната фаза се користат изнајмени базни станици, а по завршувањето на тестирањето се очекува директно поврзување со сателитите на „Старлинк“. Одговарајќи на прашањето дали постои ризик од прекин на услугата, како во случајот со Украина, Николоски оцени дека комерцијалната соработка е различна од воената употреба на технологијата. Тој смета дека оваа соработка ќе биде значаен исчекор за Македонија во технолошкиот развој и во модернизацијата на мобилните комуникации.












