
Во документот, кој беше објавен по средбата меѓу двајцата претседатели, се осудуваат „различни форми на воен авантуризам“, што според анализата на Би-би-си се однесува на американските активности во Иран и во Венецуела, во изминатите месеци. Исто така, се осудуваат „подмолни воени удари врз други држави, лицемерна употреба на преговорите како параван за подготовка на такви напади, убиства на лидери на суверени држави, дестабилизација на внатрешната политичка состојба и поттикнување промени на режими“. Путин и Шји со осуда и за проектот „Златна купола“ на Трамп и можноста за лансирање оружје во вселената.
Русија и Кина објавија заедничка изјава за „продлабочување на добрососедските односи, пријателството и соработката“, во која индиректно ги критикуваат воените акции на САД во светот.
Во документот, кој беше објавен по средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џинпинг во Пекинг, при посетата на Путин на Кина, се осудуваат „различни форми на воен авантуризам“, што според анализата на Би-би-си се однесува на американските активности во Иран и во Венецуела, во изминатите месеци. Исто така, се осудуваат „подмолни воени удари врз други држави, лицемерна употреба на преговорите како параван за подготовка на такви напади, убиства на лидери на суверени држави, дестабилизација на внатрешната политичка состојба и поттикнување промени на режими“. Москва и Пекинг оценуваат дека таквите постапки „грубо ги прекршуваат целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации, нормите на меѓународното право и меѓународните односи“ и му нанесуваат штета на светскиот поредок воспоставен по Втората светска војна. Во документот, исто така, се вели дека е потребно да се решат корените на војната во Украина со цел да се воспостави одржлив мир.
Со заедничката изјава, Русија и Кина дополнително се позиционираат како поддржувачи на нов мултиполарен меѓународен поредок, во време на зголемени глобални тензии и несигурност околу улогата на САД на светската сцена.
Би-би-си објави дека во заедничката изјава Шји и Путин ги осудиле проектот „Златна купола“ на американскиот претседател, Доналд Трамп, и можноста за лансирање оружје во вселената. Британскиот јавен сервис потсетува дека „Златна купола“ – моделирана според познатиот израелски систем за воздушна одбрана „Железна купола“ и првично наречена „Железна купола на Америка“ – е повеќеслоен систем за противракетна одбрана што би ги детектирал и уништил непријателските балистички, хиперсонични и крстосувачки ракети. Сепак, за разлика од израелската „Железна купола“, „Златна купола“ би ја опфатила целата површина на Земјата преку мрежа од неколку илјади сателити во орбитата. Според претседателите на Кина и на Русија, таквата технологија „претставува јасна закана за стратешката стабилност“.
– Ова значително го зголемува ризикот од конфликт во вселената, придонесува за милитаризација на вселената и нејзина трансформација во место на вооружен конфликт, се спротивставува на принципите на мирно користење на вселената и води кон влошување на веќе тешката ситуација – стои во соопштението.
„Скај њуз“ објавува дека во заедничката изјава има и за тоа дека двете земји „продолжуваат да го зајакнуваат пријателството меѓу своите вооружени сили и да ги прошируваат заедничките воени вежби“. Исто така, Русија и Кина постигнаа општ договор за гасоводот „Моќта на Сибир 2“, голем проект што, доколку се заврши, ќе транспортира до 50 милијарди кубни метри гас годишно во Кина.











