„Факултетот за арт и дизајн континуирано работи на теми поврзани со општествената одговорност. Тоа е нешто што е многу важно за нас, и дури и двапати ја имаме добиено и националната награда за општествена одговорност за проектите што ги работиме со нашите студенти. Така, и овој проект во соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) дојде природно да биде една од нашите активности со кои ќе работиме оваа година. Секако, тоа е и предизвик за студентите за теми кои не се секогаш едноставни и кои отвораат различни општествени прашања, посочи проф. д-р Гордана Вренцоска од Европски универзитет – Скопје
Студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, преку изложбата на постери, која вчеравечер беше отворена во Галеријата „Остен“ во Скопје, испратија силна порака против секаков вид дискриминација. Пред јавноста, која со голем интерес го проследи настанот, беа изложени 25 постери кои студентите ги изработија под менторство на проф. д-р Гордана Вренцоска и проф. м-р Александар Рашковиќ, а кои претставуваат уникатен и креативен одговор на темите човекови права, еднаквост и ненасилство.

Делата од оваа изложба насловена „Студентите против дискриминација“ се создадени во рамките на конкурсот за студентски постери, реализиран како дел од соработката меѓу Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Европски универзитет – Скопје, со цел подигнување на јавната свест за еднаквоста и недискриминацијата преку уметноста и дизајнот.

„Факултетот за арт и дизајн, со години наназад, во соработка со „Остен“, но и со други организации, континуирано работи на теми кои се поврзани со општествената одговорност. Тоа е нешто што е многу важно за нас, и дури и двапати ја имаме добиено и националната награда за општествена одговорност за проектите што ги работиме со нашите студенти. Така, и овој проект некако дојде природно да биде една од нашите активности со кои ќе работиме оваа година. А, секако, и предизвик за студентите за теми кои не се секогаш едноставни и кои отвораат различни општествени прашања. Но на тој начин, со работата на плакатите, со уметничкиот пристап, студентите навистина многу научија и се запознаа со она што навистина е темел на општеството, а тоа е еднаквоста, тоа е борбата за нашите права, за правата на сите граѓани, за недискриминација и учество во општеството како рамноправни граѓани, посочи професорката Вренцоска на отворањето на изложбата.

Барбара Лигл, лидерка на компонентата на фундаментални и човекови права, во рамките на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, пак, истакна дека проектот ги јакне различните институции во нашата држава за да можат тие понатаму да го зацврстуваат владеењето на правото.
– Во рамките на оваа активност, која на крајот е насочена кон пошироката јавност за подигање на свеста, во соработка со Европскиот универзитет – Скопје, почнавме еден конкурс за постери, за плакати. Комисијата го посети Европскиот универзитет и одржа предавање за Комисијата, за нејзиниот мандат и надлежности и за нејзините секојдневни активности. И по таа активност, студентите беа поканети да поднесат свои решенија за постери, решенијата што сега ги гледаме“, посочи Барбара Лигл.
Благодарниците за учество во проектот, завчеравечер, ги додели Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.


Пред присутните се обрати и Корнелија Конеска, извршна директорка на „Остен“ која нагласи дека се работи за тематски исклучително важна изложба.

Изложбата на постерите посветени на промоцијата на еднаквоста, недискриминацијата и ненасилството за јавноста, во галеријата „Остен“ ќе биде отворена до 3 јуни.
Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, учествува и на изложбата „Професори и студенти“ што вечерва се отвора во Младинскиот културен центар. (Д. Т.)












