Се вжештува атмосферата во Србија пред парламентарните избори што ќе се одржат в недела. Во Нови Сад, во средата имаше акција за апсење група осомничени за „планирање немири на денот на изборите“, при што, како што јави РТС, уапсен е маж од Врњачка Бања. Постои сомневање дека групата планирала „околу 80 луѓе да дојдат во Белград на 25 октомври и да предизвикаат немири“.
Тој ден, на можност од нефер избори предупредија американски сенатори. Осуммина од нив, меѓу кои и демократи и републиканци, изразија сериозна загриженост во врска со наводите за заплашување на гласачите, злоупотреба на државните ресурси, прислушување на опозициските кандидати и за притисок врз изборните набљудувачи. Во заедничката изјава, иницирана од демократската сенаторка Џин Шахин, која е највисоко рангираниот демократ во Комитетот за надворешни односи на Сенатот, се предупредува дека неправилностите, кои беа забележани во текот на парламентарните избори во 2022 година, повторно се појавуваат во пресрет на претстојното гласање во Србија.
Сенаторите, исто така, ги истакнаа предупредувањата од независните изборни набљудувачи дека претстојните избори се одвиваат во непријателска средина за граѓанското општество, опозициските партии и за набљудувачките мисии. Повикувајќи се на наодите на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) и ОДИХР, тие посочија дека во текот на кампањата биле забележани случаи на заплашување на гласачите, злоупотреба на административните ресурси во корист на владејачката партија, како и полициски притисок врз опозициските кандидати.












