– Со големо задоволство го почнувам мојот нов работен ангажман како презентер на вестите на телевизија „Алфа“. За мене, секое појавување пред гледачите носи одговорност, професионален предизвик и обврска
Добропознатата македонска тв-презентерка, повремено водителка и некогашна Мис на Македонија (во 1992 година), сè уште згодната Татјана Стојановска-Китановска, по 15 години поминати во телевизија „Канал 5“, преминува на ново работно место. Пред да дојде во оваа телевизија, таа имаше прилично добро професионално ТВ-искуство. Најпрво во Македонската телевизија, во која работеше 11 години, а потоа и во некогашната телевизија А1, во која остана седум години.
Со новиот популарно наречен „трансфер“, секако успешен, презентерката отвора ново поглавје во професијата што одлично си ја работи. Нејзиното ново работно место е на нова адреса – на фреквенцијата на телевизија „Алфа“, од каде што го истакнуваат своето големо задоволство, пред сè, поради професионализмот што го поседува таа, но и поради тоа што сега ќе ги презентира вестите на оваа телевизија и со другите убави женски ликови: Светлана Црнокрак, Ирена Спировска… Убедени сме дека допрва ќе им биде гледаноста до незамисливи височини.

– Со големо задоволство го почнувам мојот нов работен ангажман како презентер на вестите на телевизија „Алфа“. За мене, секое појавување пред гледачите носи одговорност, професионален предизвик и обврска информациите да се пренесат јасно, точно и објективно. Можноста да бидам дел од тимот на телевизија „Алфа“, за мене, е и радост и нова енергија, така што ми останува заедно да работиме во интерес на гледачите и на јавноста – кусо истакна Стојановска.
Во приватниот живот, за оние кои можеби и не знаат, Татјана беше во брак со популарниот фолк-пејач Благоја Грујовски со кој го има синот Матеј. Тие мирно се разделија, без скандали и трачеви, како цивилизирани луѓе, останувајќи во нормални пријателски комуникации. На Татјана сега ѝ пристигнуваат честитки за преминувањето во телевизија „Алфа“, од сите страни. Не само од новинарската фела туку и од гледачите. Но, секако дека честитките пристигнаа и од нејзиниот (втор) сопруг Михаил Китановски, со кого е во среќен брак.
„Среќно, Татјана, и со многу успех!“, „Со задоволство те гледам и слушам, со години наназад“, „Со радост во нов предизвик“, „На која било телевизија да се појавиш, зрачиш со својата убавина“, „Да те нема, ќе требаше телевизиите да те измислат“, „Вестите ги следам поради тебе, на сите кај мене дома им е јасно тоа“. Ова се само мал дел од коментарите што ѝ се упатени на шармантната Татјана. (Д. М.)












