среда, јули 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во државата има 100 илјади невработени, а компаниите го немаат потребниот кадар

Во државата има 100 илјади невработени, а компаниите го немаат потребниот кадар

Во државата има околу 100 илјади лица евидентирани како невработени, но компаниите велат дека не може да најдат кадар што одговара на нивните потреби. Бизнис-заедницата ја поздравува новата мерка за субвенционирано вработување, но бара прочистување на евиденцијата на невработени и повеќе преквалификации за да се обезбеди работна сила што ќе одговори на потребите на стопанството

406

Бизнис-заедницата ја поздравува новата мерка поддршка за креирање нови работни места од Оперативниот план за вработување за 2026 година, со која компаниите ќе може да добијат финансиска помош за нови вработувања. Сепак, работодавците предупредуваат дека најголем предизвик не е обезбедувањето средства, туку недостигот на соодветен кадар. Поради тоа, бараат преквалификации на невработените и прочистување на евиденцијата во Агенцијата за вработување, за компаниите полесно да дојдат до лица што навистина бараат работа.

До 24 јули трае пријавувањето за подмерката вработување и раст на правните субјекти, дел од мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ во рамките на Оперативниот план за вработување за 2026 година. За реализација се обезбедени 332,65 милиони денари, односно околу 5,4 милиони евра, а предвидено е да бидат опфатени 1.385 активни баратели на работа.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, ги повика микро, малите и средните претпријатија, социјалните претпријатија и здруженијата на граѓани да аплицираат, нагласувајќи дека целта е не само отворање нови работни места туку и задржување на работната сила во државата. Компаниите ќе добијат по 250.000 денари за вработување лице до 29 години, 220.000 денари за лица од ранливите категории и 160.000 денари за невработени над 29 години. Работодавците, пак, ќе имаат обврска да ги задржат нововработените во работен однос одреден период – 15 месеци за младите лица, 12 месеци за ранливите категории и најмалку 9 месеци за лицата над 29 години. И покрај поддршката, стопанските претставници велат дека најголем проблем останува недостигот на работници со потребните вештини.

Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухи Алиу, оценува дека мерката доаѓа во вистински момент, бидејќи стопанството одамна се соочува со недостиг на работници.

– Оваа мерка треба да им овозможи на компаниите полесно да дојдат до кадар, а воедно да придонесе младите да останат и да работат во државата. Иако во евиденцијата има околу 100 илјади невработени, кога бараат работници преку Агенцијата за вработување, компаниите најчесто добиваат одговор дека нема лица со потребните квалификации. Ние сметаме дека реалната невработеност е многу пониска и дека со прочистување на списоците, тој број би се преполовил. Но, потребни се и обуки, преквалификации и доквалификации за луѓето да стекнат вештини што му се потребни на стопанството. Тоа е предлог што подолго време го доставуваме до институциите – изјави Алиу.

Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, оцени дека мерката е позитивен чекор, но порача дека е потребно и ажурирање на списоците во Агенцијата за вработување, бидејќи реалниот број на активни невработени, според него, е помал од официјално прикажаниот.

– Од есенцијално значење е микро, малите и средните компании да бидат поддржани, бидејќи тие сочинуваат 99,8 проценти од сите компании во државата, вработуваат речиси 73 проценти од работната сила и создаваат повеќе од две третини од бруто-домашниот производ. Очекуваме голем интерес за оваа мерка, но уште поважно е компаниите да успеат да ги задржат нововработените и по истекот на периодот на задолжително вработување. Воедно, неопходно е да се прочисти евиденцијата во Агенцијата за вработување, затоа што реалниот број лица што активно бараат работа е значително помал од официјалниот – рече Ѓорѓиевски.

Од Министерството за економија и труд велат дека веќе се преземаат чекори за прочистување на евиденцијата на невработени.

– Во моментов е формирана комисија, која ги вкрстува податоците од Агенцијата за вработување со податоците за корисниците на социјална помош. По завршувањето на овој процес, ќе добиеме реална евиденција на активните баратели на работа, а воедно ќе се спречат злоупотребите на средствата од буџетот од лица што не ги исполнуваат условите за користење на овие права – изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Со мерката поддршка за креирање нови работни места од Оперативниот план за вработување за 2026 година, државата обезбеди 332,65 милиони денари за поттикнување на вработувањето во микро, малите и во средните претпријатија, социјалните претпријатија и во граѓанските организации. Со неа се предвидува финансиска поддршка за вработување на 1.385 невработени лица, при што една компанија може да добие грант од 800.000 до 1,25 милиони денари за вработување до пет лица. Највисока поддршка е предвидена за вработувањето млади до 29 години, а опфатени се и жените, долгорочно невработените, лицата со попреченост, корисниците на гарантирана минимална помош и другите ранливи категории.

Иако ја оценуваат мерката како позитивен чекор за стимулирање нови вработувања, работодавците предупредуваат дека најголем предизвик останува недостигот на квалификуван кадар. Според нив, финансиската поддршка ќе помогне во отворањето нови работни места, но за да ги даде мерката очекуваните резултати, неопходно е да се прочисти евиденцијата на Агенцијата за вработување, бидејќи на списоците, како што велат, има голем број лица што формално се водат како невработени, но реално не се активни баратели на работа. Воедно, бараат и поголем фокус на обуката, преквалификациите и на доквалификациите за невработените, со цел тие да ги стекнат вештините што ги бараат компаниите.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ