Младите талентирани музичари од оркестарот при гимназијата „Орце Николов“ денеска беа примени од скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. Повод беше освоеното прво место со почесни заслуги – „First Prize with Honors“, на меѓународниот натпревар во Њујорк, каде што се претставиле со репертоар целосно заснован на македонската народна музика, што претставува круна на нивниот досегашен успех.
Со ова големо признание, оркестарот доби и официјална покана за концертни настапи во престижни сали во Њујорк, САД, на 5 и 6 септември оваа година.
– Ова е успех со кој сите мораме да се гордееме. Градот Скопје и јас, како градоначалник, ќе бидеме нивна силна поддршка во остварувањето на овој голем сон. Продолжете храбро и достоинствено! Претставувајте ги Македонија, македонската песна и нашата богата традиција во најдобро светло! – им кажа Ѓорѓиевски на членовите на оркестарот.
Тој додаде дека тие се огромна гордост за сите скопјани, но и вистински амбасадори на Македонија, на македонските музика, култура и традиција.
– За нивната посветеност зборуваат бројните хуманитарни концерти, како и освоените први награди за најдобар средношколски оркестар во Македонија – нагласи скопскиот градоначалник.
Оркестарот е формиран во 2024 година и за исклучително кратко време забележа големи успеси и освои значајни домашни и меѓународни признанија.












