Нова инвестиција во Македонија разгледува турската компанија „Сиврилер груп“, која планира вложување од 25 милиони евра и отворање на повеќе од 100 нови работни места. Инвестицискиот проект беше тема на работна средба меѓу директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Гоце Димовски, и директорот на компанијата, Ахмет Сиври.
На средбата беа презентирани можностите што ги нудат технолошките индустриски развојни зони, условите за инвестирање, како и поддршката што ДТИРЗ ја обезбедува за компаниите во сите фази од инвестицискиот процес.
Во рамки на посетата на ТИРЗ Скопје, претставниците на турската компанија се запознаа со инфраструктурните капацитети и условите што им се достапни на потенцијалните инвеститори.
Согласно со првичните планови, инвестицијата на „Сиврилер груп“ ќе биде насочена кон воспоставување производствен капацитет со извозна ориентација.
Од ДТИРЗ посочуваат дека институцијата останува посветена на активно привлекување нови инвестиции и создавање услови за долгорочен развој на компаниите преку брза и ефикасна институционална поддршка.
Претставниците на компанијата изразиле задоволство од условите за инвестирање и можностите што ги нуди Македонија, оценувајќи ја посетата како значаен чекор во понатамошната евалуација на проектот и продолжување на разговорите за негова реализација.












