понеделник, октомври 19, 2026
Дома КОЛУМНИ Колумна, Зоран Богатинов: Кога играат слоновите, глувците страдаат

Колумна, Зоран Богатинов: Кога играат слоновите, глувците страдаат

1

Во бурата на руско-украинската војна, се случи Калињинград. Оваа чувствителна руска ексклава на Балтикот, за која некои фински гласноговорници или американски новинари тврдеа дека може НАТО без поголеми последици да ја заземе, донесе застрашувачки одговор од Кремљ. „Ќе го браниме Калињинград по секоја цена, нема да избираме средства“, одговорија од Москва. Без нараквици, Западот е предупреден за можна употреба на рускиот нуклеарен арсенал. Причината е едноставна: во ексклавата е стационирана Северната флота на руската воена морнарица, која ги опфаќа под надзор Балтикот, Скандинавија и, можеби, клучниот елемент – морскиот брег на Германија. Во ерата на суперподморници на нуклеарен погон, шведската морнаричка разузнавачка служба беше принудена да се вивне во најразвиените и најспособни во светот поради супернечујните руски подводни пловила, кои со посебни задачи навлегуваат во територијалните води на земјите на НАТО на Балтикот. Калињинград, всушност, беше тест на Северноатлантската алијанса за да се испита борбената готовност на руската војска и воедно политичката решителност на Кремљ.

Следуваше и контраакција во Црното Море, со познат епилог: уништени трговски бродови што превезуваа украинско жито, усмртени или исчезнати членови на бродските екипажи. Киев ја обвини Москва, оттаму сè уште без реакција или демант. Во секој случај, нападите во Црноморието, во близина на крајбрежјето на Романија и на Бугарија, создадоа нови непознати изнедрени од војната во Украина, која длабоко навлезе во петтата година. Зошто би ѝ било потребно на Москва да се фокусира на јужниот крак од источното НАТО-крило, дали станува збор за одвлекување на вниманието на НАТО од Калињинградската област? Или, пак, според познатите методи на психолошките операции, во Алијансата се отвора простор за поблиско и поенергично дејствување во подалечната заднина на Молдавија и на Украина. Има и теории за дронови под команда на Киев за да не се затвори прозорецот на помошта од западниот свет, по откажувањето на услугите на „Старлинк“ на Илон Маск за украинската војска. Попрецизно, делот од „Старлинк“ – „Старшилдс“ наменет во одбранбени цели – веќе не е достапен за информирање и за следење на украинските дронови, кои погодуваат руски рафинерии и дата- центри, по негодувањето на американскиот претседател, Трамп. „Старшилдс“ е под негова директна надлежност, само тој го има правото да ја парафира употребата на воениот сателитски систем. И така рускиот дизел за 20 дена ќе пристигне на бензинските станици во САД, а рускиот човек од доверба на путин, Кирил Дмитриев, најавува и нови руско-американски проекти.

Во тој контекст, НАТО има намера да отвори нова ротирачка команда во Бугарија и во Романија, што е производ на заедничкото барање на Софија и на Букурешт до Брисел за директна противвоздушна одбрана на нивниот дел од црноморскиот басен. Бугарија до крајот на месецот ќе испрати барање и за вклучување во системот на НАТО за одбрана од беспилотни летала, официјална Софија очекува наскоро да слетаат нови борбени авиони на Алијансата во Бугарија за одбрана на воздушниот простор и за превенција на слични воени инциденти. Бугарија располага со застарени типови авиони од советско време, истото се однесува и на противвоздушните системи, така што вкупниот воено-политички контекст ја создаде можноста Германија и Италија први да се пријават за формирање команда на НАТО на западните брегови на Црното Море. Во овој регион НАТО командува од турскиот дел на црноморскиот брег, како експозитура на базата во Измир, една од двете, покрај Лариса, Грција, директно потчинети на јужната команда на Алијансата во Неапол, Италија. Развлекувањето на одбранбената линија на источното крило на НАТО може да се гледа и од перспектива на негово зајакнување. Како и прераспределување на силите.

Било како било, воведот во директен судир на Европската Унија со Русија е со катаклизмички последици. Во таа војна ќе нема поразени или победници. И покрај тоа, на Европа, во која претежно доминантните членки на Унијата се милитаризираат, ѝ противречи фактот за европската идеја израсната од урнатините на Втората светска војна, како мисија на пацифистичко обединување на континентот. Наспроти во ова реално и обременето време, воените барабани и восклици на европските челници ги надминуваат умереноста и воздржаноста на мировните решенија. Европа сè повеќе се вооружува, се префрла на воена економија. Само во Германија околу стотина илјади работници од автомобилската се преквалификуваат за работа во воената индустрија. На последниот Европски совет одржан месецов, европската воена индустрија идентификуваше пет приоритетни проекти. Европската Унија планира изградба на капацитети за производство на дронови и антидрон- системи, ќе се обединува морската одбрана, како и воената заштита на морското дно на Унијата, повторно поради руските подморници. На Советот, европските челници решија да инвестираат во вселенската технологија, во инсталирањето ранопредупредувачки сателити за откривање проектили, за разузнавање, извидување и надзор, алката што ѝ недостига на Европа, со која располага американската Влада. Ќе се интегрира и системот на Европа за рано предупредување и одбрана од ракети, кој треба да биде координиран од една команда, петтата компонента на военото трансформирање на европскиот мировен блок се однесува на постојаното надгледување на состојбата на источното крило на НАТО, на границите на земјите членки на Алијансата, со патролирање по копно и на море, во воздух, но и контрола на кибернетичкиот простор. Европа, и покрај сè, се надева дека можниот директен воен конфликт со Русија би бил од конвенционален карактер, заборавајќи дека Москва располага со нуклеарен потенцијал од 1.600 проектили од среден и од долг дострел. Не е за верување дека Путин би дозволил пораз на нуклеарна велесила и распаѓање на Руската Федерација од блок земји чија воена трансформација сè уште не ни почната. Затоа Европската Унија се надева на НАТО и игра на билетот на 30 од 32 земји членки на Алијансата, кои се членки и на европскиот блок. Само четири земји од Европската Унија не членуваат во единствената военополитичка организација создадена по Втората светска војна.

И додека барабаните на трета голема војна на европска почва стануваат сè погласни, се поставува и прашањето која позиција би ја зазела Македонија при воен конфликт со Русија. Македонија е членка на НАТО, стои зад позициите на еднаквите во Алијансата, но не е членка на Европската Унија, кон која нема обврски доколку реши Брисел да појде во војна против разлутената руска мечка. Македонија, секако, ги поддржува европските санкции против Москва, иако тие не ги дадоа очекуваните резултати, го признава и поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, која, пак, поради војната, е со најголеми шанси брзопотезно да стане полноправна членка на Унијата. Доколку се случи тоа, Русија нема да биде во војна со Украина, туку со Европската Унија. За Македонија е од клучно значење стратешкиот сојуз со Вашингтон, лидерот во НАТО, кој е против европската воена реторика инкорпорирана во врвот на Алијансата, насочена против Москва. Во случај на војна од пошироки, па и светски размери, Скопје ќе мора да избере на кое од двете столчиња ќе седне, ќе застане ли на страната на НАТО, како поддршка на Европската Унија или, пак, ќе ѝ се приклучи директно на воената, недоизградена машинерија на Унијата, за чие членство чекаме 21 година. Дополнителна дилема е и која од земјите членки на НАТО ќе се вклучи во авантурата против Русија, не се сите европски земји на иста линија за ова прашање. Истото се однесува и на самите членки на Унијата. И што ако Москва, како во битката за Курската област, добие сојузници во можниот воен виор? Рамките нема да бидат европски, ами светски.

Кој налудничав, конечно, би посакал над главата да му летаат „орешници“ или слични хиперсонични балистички проектили со брзина од 10 маха, кои го минуваат растојанието од околу 600 километри од морето кај Варна, приближната локација на последните инциденти во Црното Море, до Скопје за петнаесетина минути. Ниедна војна во новите модерни времиња не е толку далечна колку што се чини на изглед.

 

(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)

 (Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ