Велес ќе биде домаќин на голем спортски празник, откако „Плазма Спортските игри за млади“ ќе пристигнат во градот со ново издание на „Денот на спортот“, во рамките на една од најголемите аматерски спортски платформи во Европа.
Главната цел на оваа манифестација е бесплатен спорт за секое дете, како и поттикнување на здрав, активен и динамичен животен стил, развој на здрави навики, промоција на инклузијата и негување на фер-плејот, пријателството и вистинските вредности.
„Денот на спортот“ ќе се одржи утре (четврток) со почеток од 10:00 часот, а зборното место е во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес.
На свеченото отворање ќе присуствуваат претседателката на „Плазма Спортските игри за млади“ во Македонија, Елена Мицковска, градоначалникот на Велес, Марко Колев, ракометната легенда Пепи Манасков и други познати спортски имиња.
Учесниците ќе имаат можност да се натпреваруваат во 10 атрактивни спортски дисциплини – турнир во мал фудбал, пинг-понг, тенис, народна топка и атлетика во рамките на „Денот на спортот“, како и баскет 3×3, ракомет, шах, одбојка и одбојка на песок.
Право на учество имаат сите деца и млади, без разлика дали активно тренираат или рекреативно спортуваат, што ја прави оваа манифестација отворена и достапна за сите. Со години, Спортските игри за млади испраќаат силна порака – „Чекор за подобра иднина“.
По успешните настани во Скопје, Куманово, Штип и Кочани, спортскиот карван продолжува во Велес.
Организаторите ги покануваат сите деца, родители, наставници и граѓани да бидат дел од овој спортски настан и заеднички да создадат нови незаборавни моменти и спортски приказни. Велес е следната станица – време е за уште еден ден исполнет со спорт, дружење и позитивна енергија.











