Во магичниот амбиент на античката битолска Хераклеја, вечерва со почеток во 21 часот, стартува 20. јубилејно издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“. Фестивалот веќе две децении успешно ги поврзува музичките традиции на Балканот со современите светски музички влијанија. Честа да го отвори јубилејното издание ќе ја има реномираниот грчки ансамбл „Десетте бузуки на Домна“, кој ќе приреди несекојдневно музичко доживување со дури десет бузуки песни на сцената. Ќе бидат придружени со гитарите, контрабас, со солисти и традиционални танчари. Публиката ќе има можност да ужива во богата програма инспирирана од автентичната грчка музика, претставена на модерен и впечатлив начин. Музика без граници.
Во изминатите години „Локум фест“ прерасна во еден од најпрепознатливите фестивали од ваков вид. На неговите сцени настапија повеќе од 110 музички состави и домашни и странски етно ѕвезди, а фестивалот стана препознатлив по спојувањето на староградската музика со етно звукот и современите музички правци. Покрај богатата музичка програма, фестивалот има значајна улога и во промоцијата на Битола како културна и туристичка дестинација. Како дел од програмата на „Бит Фест“, овој „Локум фест“ секое лето привлекува бројни посетители кои, покрај музиката, уживаат и во богатото културно наследство на градот под Пелистер, кој е во близина на Преспанското Езеро.












