– Пишувањето за деца е привилегија, затоа што ти овозможува да влезеш во бесконечното царство на фантазијата, каде што можеш да сретнеш самовили, вампири, розови слонови и да создаваш приказни на која било тема, кажа на доделувањето на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2026 година, лауреатот Ванчо Полазаревски, кој ова признание го доби за романот за деца „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“. Наградата му беше врачена завчеравечер на Меѓународниот ден на детето, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

На настанот, покрај врачувањето на признанието за најдобар необјавен роман за деца и млади, што го носи името на големата македонска писателка за деца Оливера Николова, се одржа и промоција на романот. Членовите на жири-комисијата истакнаа дека добитникот на наградата е избран со едногласна одлука.

–Годинашниот добитник ја актуализира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и на природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и на ведар начин, при што веселоста ѝ претходи на сериозната порака, без да ја спречи да допре до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот, посочија од комисијата.

Во името на семејството на Оливера Николова се обрати нејзината ќерка, Јана Андреевска, која рече: „Кога ја прашуваа мајка ми што за неа значи пишувањето за деца, таа често знаеше да рече: ’Пишувањето за деца ми овозможува да се вратам во детството – не во она што јас го имав, растејќи во воени услови, туку во детството што секое дете заслужува да го има, во кое безгрижно си игра‘“.

Инаку, Полазаревски исто така посочи дека во неговиот роман главен јунак е хуморот, но приказната е инспирирана од реалноста.

–Таа е автентична и произлегува од моето секојдневие во населбата каде што живеам – Капиштец. Всушност, ’Капи и Штици‘ е уметничкото име за Капиштец. Таму, наместо да цутат цвеќиња и дрвја, често цути натрупаниот отпад. Токму тој судир меѓу убавото и грдото е движечка сила на приказната, затоа што без конфликт нема приказна… Преку хуморот сакав да испратам порака до децата што ќе ја читаат книгата – да се грижат за својата околина, истакна Полазаревски, кој додаде дека „Читањето треба да биде исполнето со љубов и со смеење“.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година.

ИЗДВОЕНИ