Во Културно-информативниот центар во Скопје, на 4 јуни (четврток), во 20 часот, ќе биде отворена Јубилејната и Годишна изложба на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје. Овој факултет, годинава прославува 20 години од своето постоење.

– Многу генерации студенти, сега успешни и докажани дизајнери, тука ја граделе својата професионална наобразба, под посветеното менторство на своите професори и асистенти. Зад нас се напластиле бројни изложби, модни ревии, работилници, конференции и други достигнувања. И оваа академска година студентите го дадоа својот максимум во рамки на наставата и надвор од наставните активности, со учество во проекти, изложби, модни ревии и работилници. Освојувавме домашни и меѓународни награди и признанија, пласиравме нови концепти на креативност и дизајн, велат од Факултетот за арт и дизајн.

На изложбата ќе бидат претставени избрани студентски трудови од студиските програми Графички дизајн, Моден дизајн и Ентериер дизајн, како и селекција на дела од дипломирани и магистрирани студенти, создадени како резултат на наставниот и уметничкиот процес на Факултетот.

Деканот на Факултетот за арт и дизајн проф. м-р Благојче Наумоски, како и целиот наставен кадар, ги поканува сите сегашни, поранешни и идни студенти, колеги, соработници и пријатели на Факултетот, заедно да го одбележат овој повод и да уживаат во креативните резултати на младите дизајнери.

Дизајн на јубилејното лого е на Петар Новковски, дизајн на плакат е на Емилија Спасовска, а менторот е проф. д-р Гордана Вренцоска.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 8 јуни.

ИЗДВОЕНИ