Владата е на чекор до усвојување конкретни мерки за справување со растот на цените на прехранбените производи, а моментално се врши анализа на базичната инфлација. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека анализата е во завршна фаза и дека веднаш по нејзиното финализирање, Владата ќе излезе со пакет мерки со цел да се ублажи ценовниот удар врз граѓаните.
– Мерки во моментот нема бидејќи сè уште трае анализата. Но, во моментот кога ќе биде завршена, ќе има и конкретни чекори. Мислам дека сме многу блиску до тој момент. Ќе излеземе со мерки, затоа што веќе имаме индикатори зошто се случува ова ценовно движење – рече Мицкоски.
Премиерот истакна и дека се очекува да биде разгледана оваа тема и на седницата на Економско-социјалниот совет, кој треба да заседава откако беше завршена постапката за утврдување на репрезентативноста.
Во однос на изјавата на министерот за економија, Бесар Дурмиши, од минатата недела, кој кажа дека нема да има нови мерки, Мицкоски вели дека, веројатно, станало збор за недоразбирање, бидејќи анализата сè уште е во тек.
– Можеби е погрешно сфатена неговата изјава. Не се работи за одбивање мерки, туку за тоа дека ќе бидат дефинирани откако ќе заврши анализата – додаде премиерот.
Инаку, тој претходно појасни дека високите цени се резултат на зголемена базична инфлација.
– Земјоделецот го продава својот производ на некој што потоа треба да го однесе тој производ во маркет и ако тој го продава за 11 проценти повисока цена, тогаш ви е јасно. Ова практично значи дека откупувачите, дистрибутерите и маркетите влијаат на цените на прехранбените и на земјоделските производи – изјави Мицкоски.
Инаку, никако да се смири инфлацијата. Во првото полугодие од годинава, значи јануари – јуни споредено со тој период лани, таа изнесува 3,8 отсто. Ако се спореди јуни годинава со тој месец лани, порастот е 4,5 отсто. Но, освен порастот на вкупната инфлација, особено загрижува растот на цените на храната и на безалкохолните пијалаци, како и на земјоделските производи. За само еден месец, храната поскапела за 6,3 отсто. Земјоделските производи, мерени според цените на мало, пак, се повисоки за дури 11,1 отсто.
Но, инфлацијата не е исклучок само за Македонија туку и за многу европски држави, каде што, исто така, надминува 5 проценти.