Најновите проекции на централната банка велат дека економијата оваа година ќе има раст 3,5 %, наместо 3 %, како што беше предвидено во април. Гувернерот Трајко Славески истакна, на среден рок, растот на економијата би забрзал на 4 % и дека ќе биде поттикнат од домашната побарувачка, од извозот на стоки и услуги, додека нето-извозот би имал негативен придонес.
Што се однесува до инфлацијата, проекциите се дека таа ќе изнесува 3,9 % до крајот на годинава и дека ќе следува период на надолно приспособување и враќање на историскиот просек од 2 %. Повисоката инфлација е причина Народната банка и овој месец да ја задржи основната каматна стапка на 5,35 отсто. Оваа стапка последен пат беше променета во февруари годинава
Народната банка ги ревидираше априлските проекции за економскиот раст за годинава и за инфлацијата. Најновите проекции на централната банка велат дека економијата оваа година ќе има раст 3,5 %, наместо 3 %, како што беше предвидено во април. Гувернерот Трајко Славески истакна, на среден рок, растот на економијата би забрзал на 4 % и дека ќе биде поттикнат од домашната побарувачка, од извозот на стоки и услуги, додека нето-извозот би имал негативен придонес.
Што се однесува до инфлацијата, проекциите се дека таа ќе изнесува 3,9 % до крајот на годинава и дека ќе следува период на надолно приспособување и враќање на историскиот просек од 2 %. Повисоката инфлација е причина Народната банка и овој месец да ја задржи основната каматна стапка на 5,35 отсто. Оваа стапка последен пат беше променета во февруари годинава.
– Домашната побарувачка, бруто-инвестициите и личната потрошувачка и натаму се главни двигатели на растот, поддржани од зголемувањето на расположливиот доход на домаќинствата и од солидната кредитна активност на банките, надополнета со поволната државна кредитна поддршка за фирмите – рече гувернерот Славески.
За периодот 2025-2028 година, тој истакна дека се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, кои би се искористиле за финансирање на дефицитот на тековната сметка.
– Во однос на структурата, најголемиот дел од приливите на нето-основа се очекуваат во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство. За целиот период на проекцијата се очекува зголемување на девизните резерви и натамошно соодветно ниво за одржување на стабилноста на домашната валута – рече гувернерот.
Инфлацијата и натаму е во фокусот на монетарната политика. Годишната стапка на инфлација во септември и натаму забавува и изнесува 4 %. Ваквото движење, главно, произлегува од релативно инертната базична инфлација, движењата кај цените на храната, а, во помала мера, и од цените на енергијата.
– Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се променети во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци за домашните цени во следниот период. Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9 %, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следува патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5 % во 2026 година и 2,0 % на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени – истакна Славески и потенцира дека императив е инфлацијата да се стабилизира на проектираните нивоа.
Покачувањето на платите и на пензиите има влијание врз лепливоста на инфлацијата. Гувернерот се надева дека во следната година, зголемувањето на пензиите ќе биде согласно со законската формула.
– Буџетот на Фондот за ПИОМ е во транзициски дефицит и затоа се неопходни интервенции во буџетот. Од Министерството за финансии имам информации дека ќе се премине во стандардниот метод на индексација на пензиите по формула што е законски утврдена. И во минатото, од различни влади сме имале вонредни интервенции во пензиите. Каква било формула да примените, со текот на времето, просечната пензија заостанува зад просечната плата. Кога изнесува просечната пензија 60 % од просечната плата, имаме стабилна ситуација, нема незадоволство, нема барања. Но, со текот на времето, има тенденција да паѓа околу 50 % и тогаш владите интервенираат. За стабилизирање на состојбите, треба да се премине на индексирање што се заснова на однапред предвидливи показатели – појасни Славески.
На новинарско прашање дали треба да нè загрижува најавеното задолжување што го планира Владата во предлог- буџетот за наредната година, од речиси две милијарди евра, каде што има и планиран раст од 10 % на платите и раст на пензиите за кои не се знае колку ќе биде, Славески одговори дека Народната банка очекува Владата да продолжи со фискалната консолидација во рамките на фискалната стратегија.
– Од аспект на задолжувањето, Министерството за финансии подобро ги знае работите. Уште на почетокот од следната година ќе стигне за враќање претходно задолжување од 700 милиони евра. Сè додека е задолжувањето во рамките на планираното и реализацијата на буџетот оди во насока што се планира за да се реализираат капиталните инвестиции, кои значат зголемување на капацитетот на домашната економија, тоа поволно влијае и на економијата и на макроекономските движења – одговори Славески.
Извршниот одбор на Народната банка, на седницата одржана на 4 ноември, одлучи каматните стапки да останат непроменети. Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35 %, додека каматните стапки на депозитите прекуноќ и на седум дена остануваат на нивоата од 3,95 % и 4 %, соодветно.
– Понудата на благајничките записи на редовната аукција, исто така, е непроменета и ќе изнесува 10 милијарди денари. Со тоа, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. Ваквата поставеност е дополнително поддржана од неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и од одлуките поврзани со управувањето со системските ризици. Комбинираното влијание на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици. Доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика – известија од Народната банка.
Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот од октомври, нивото на девизните резерви изнесува 4.842,9 милиони евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно ниво.
– Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Врз основа на тековните движења, до крајот на 2025 година, се очекува раст на депозитите од 9,5 % и раст на кредитите од 11,6 %. На среден рок, за периодот 2026-2028 година, се предвидува умерено забавување на просечниот раст, кој ќе изнесува околу 7,6 % кај депозитите и 7,3 % кај кредитите, односно стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор – велат од Народната банка.
(С. Бл.)












