Општина Центар ја реализира првата фаза од проектот за партерно и хортикултурно уредување на улицата „Даме Груев“, кој го опфаќа потегот од Зеленото пазарче до улицата „Македонија“, како и делот од улицата „Македонија“ до Собранието.
– Во рамките на оваа фаза се уредуваат јавните површини и се поставува нова урбана опрема, со што овој дел од централното градско подрачје добива помодерен, пофункционален и поуреден изглед.
Во рамките на проектот се поставуваат нови клупи и нови канти за отпадоци, а просторот ќе биде збогатен и со ново детско игралиште и со современа вежбалница на отворено, наменети за рекреација и дружење на сите генерации – соопштија од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредувањето на јавните простори останува еден од приоритетите на Општината.
– Со партерното и хортикултурно уредување, како и со поставувањето нова урбана опрема, го разубавуваме и осовременуваме овој значаен дел од центарот на градот. Создаваме функционални, уредени и зелени јавни простори каде што граѓаните ќе може да одморат, да се рекреираат и да поминуваат квалитетно време со своите семејства. Продолжуваме да инвестираме во проекти што ги подобруваат секојдневието и квалитетот на живот на нашите жители – изјави Герасимовски.
Со реализацијата на првата фаза од проектот, Општина Центар продолжува со унапредувањето на јавната инфраструктура и со создавањето современи, безбедни и пријатни јавни простори, во согласност со потребите на граѓаните.












