вторник, јули 14, 2026
Дома СКОПСКА Ќе се доградува  „Јохан Хајнрих Песталоци“

Ќе се доградува  „Јохан Хајнрих Песталоци“

10

На предлог од градоначалникот Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар денеска даде зелено светло за одлуката за изработка на архитектонско-урбанистички проект за доградба на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, последен чекор кон целосно воведување едносменска настава во Општината.

Од Општината соопштија дека со реализацијата на овој проект значително ќе се зголемат просторните капацитети на училиштето, ќе се обезбедат современи услови за учениците и за наставниот кадар и, конечно, ќе се создадат услови наставата да се одвива исклучиво во една смена.

– Со доградбата, Општина Центар го заокружува целосниот процес на трансформација на образованието, сите основни училишта на нејзина територија ќе работат единствено во прва смена – велат од локалната самоуправа.

Герасимовски потенцираше дека ова е значаен момент за образованието во Центар.

– Со доградбата на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ не само што ги зголемуваме капацитетите на училиштето туку и, конечно, исполнуваме едно од нашите најважни ветувања: сите основни училишта во Општина Центар да преминат на едносменска настава. Тоа значи подобри услови за учење, поквалитетна организација на наставата и повеќе квалитетно време за учениците и нивните семејства – изјави Герасимовски.

 

 

ИЗДВОЕНИ