петок, октомври 16, 2026
Дома СВЕТ Неименувана држава плаќа 18,8 милиони долари за развој на посебна варијанта на...

Неименувана држава плаќа 18,8 милиони долари за развој на посебна варијанта на борбениот авион F-35 – Пентагон не открива детали за купувачот

0
Фото:википедија

Една неименувана странска држава ѝ плаќа на американската компанија „Локхид Мартин“ (Lockheed Martin) дополнителни 18,8 милиони долари за развој и интеграција на варијанта на борбениот авион F-35, прилагодена на нејзините специфични барања. Ова го соопшти Министерството за одбрана на САД, а пренесе порталот „Дефенс блог“.

Измената на постоечкиот договор опфаќа развој на системи, демонстрации и интеграција на опрема за варијанта на авионот наменета за неименуван купувач, во рамките на американската програма за продажба на воена опрема во странство (Foreign Military Sales). Купувачот ги покрива целокупните трошоци од 18,8 милиони долари.

Околу 80 отсто од работата ќе се изврши во Форт Ворт, Тексас – каде што „Локхид Мартин“ го произведува F-35 – додека остатокот ќе се одвива на неодредени локации во рамките на континенталниот дел на САД. Предвидено е работата да заврши во декември 2030 година.

Овој нов договор е продолжение на повеќегодишен проект за истиот, јавно неидентификуван купувач. Во август 2022 година, Морнарицата на САД одобри измена на договорот во вредност од 53,4 милиони долари, по што, во август 2025 година, беа доделени дополнителни 12,9 милиони долари за продолжување на инженерските работи на прилагодената верзија на авионот.

F-35 се произведува во три варијанти: F-35A за конвенционално полетување и слетување, F-35B со можност за кратко полетување и вертикално слетување, и F-35C, дизајниран за носачи на авиони. Некои земји во своите авиони интегрираат сопствено вооружување, како и комуникациска и електронска опрема. Најпознат пример за тоа е израелскиот F-35I „Адир“ (Adir).

Пентагон јавно не го откри идентитетот на купувачот, дури ни во претходните фази од овој договор.

ИЗДВОЕНИ