Бројот на жртви во несреќата со патничкиот ферибот покрај северниот брег на Кипар се искачи на осум, а 237 лица се спасени, а потрагата по уште 18 исчезнати продолжува, изјави денес министерот за транспорт на непризнатиот Северен Кипар (ТРСК) Ерхан Ариклија.
Операцијата за пронаоѓање на исчезнатите од бродоломот на патничкиот ферибот „Филоџет“ продолжи во текот на ноќта со помош на авиони, беспилотни летала, хеликоптери со опрема за ноќно гледање и бродови, а воздушните и морските пребарувања требаше да продолжат во зори, објавува грчкиот портал Filonjuz.com.
Меѓу исчезнатите има деца, семејства и постари лица, а властите и нивните роднини апелираат до секој што ги видел или има какви било информации во врска со следните лица веднаш, без одлагање, да ги контактира властите.
Според турско-кипарските медиуми, меѓу исчезнатите се 14-годишната Салиха Мирај Бичер и нејзиниот шестгодишен брат, Мехмет Асаф Бичер, а на територијата под контрола на Турција е прогласена тридневна национална жалост.
Патничкиот ферибот со вкупно 267 лица, 259 патници и осум членови на екипажот, се преврте и потона на длабочина од 514 метри, објави претходно CNNTurc.
Патничкиот брод „Филоџет“ во приватна сопственост, кој исплови од Киренија околу 12:30 часот и се упати кон турското пристаниште Ташуџу, почна да се полни со вода од непозната причина кратко време по напуштањето на пристаништето.
Откако фериботот почна да се полни со вода, повиците за помош на капетанот предизвикаа спасувачка операција од страна на Крајбрежната стража и Пристанишната управа.
Додека потрагата продолжува, загриженоста на семејствата се претвора во гнев. Драматични сцени преовладуваат во пристаништето Киренија и пред болниците каде што беа префрлени преживеаните, а роднините на жртвите и исчезнатите ги обвинуваат властите за целосен недостаток на информации, до тој степен што напаѓаат полицајци, барајќи одговори.












